Почетна
Македонија

Филипче: Нема да бидеме алиби за предвремени избори; Мицкоски ќе ги закаже кога ќе ѝ снемаат пари

Филипче: СДСМ нема да им биде алиби на Мицкоски за предвремени избори и најави „мастер план за Македонија“ за следните избори.

·Македонија
Филипче: Нема да бидеме алиби за предвремени избори; Мицкоски ќе ги закаже кога ќе ѝ снемаат пари

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Социјалдемократскиот сојуз нема да биде „алиби“ за предвремени парламентарни избори кои, според него, може да ги закаже премиерот Христијан Мицкоски кога власта ќе остане без пари.

На прашање за изјавата на Мицкоски дека ВМРО‑ДПМНЕ е подготвена да излезе и да победи на предвремени избори во секое време, Филипче појасни дека датумот за избори го определува премиерот и владината већина и дека СДСМ нема да служи како легитимација за предвремена изборна процедура.

„Ние нема да му бидеме алиби“

Во текот на прес‑конференцијата претседателот на СДСМ рече: "Веројатно дека ќе бара премиерот, веројатно дека ќе бараат и некои негови прокси-играчи, ние нема да му бидеме алиби за избори. Кажавме избори ќе закаже премиерот, којшто има двотретинско мнозинство, апсолутна власт на секое ниво – претседателката (на државата), извршната власт, двотретинско мнозинство во Собранието, мнозинство во општините, централна, локална власт, може да си направи избори кога сака, но, ние нема да му бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери, тоа нив ги интрересира, ништо друго".

Филипче најави дека во текот на следниот месец партијата ќе ја претстави програмата „мастер план за Македонија“ — повеќечекорна програма со ветувања и механизми за контрола на нивната реализација.

„Спремни сме со тим, спремни сме со добра програма, спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика 'мастер план за Македонија'. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во којшто ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, а ќе бидат тогаш кога власта ќе снема веќе пари да троши на коруптивни зделки, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми за тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги импелентираат. Ете тоа ќе биде нашиот план", рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Тој одби да го коментира ставот на Демократската унија за интеграција и рече дека не го видел бидејќи бил објавен непосредно пред прес‑конференцијата. Филипче додаде дека СДСМ ќе учествува на средба на лидери ако таа служи за доброто на граѓаните и државата: "Ќе одам на која било средба ако е за доброто на граѓаните и државата".

Филипче најави дека во септември, кога Собранието ќе почне со работа, пратениците ќе поднесат предлог‑закон за минимална плата од 600 евра, покачување на платите за лекарите и наставниот кадар за 40 проценти, како и повисоки откупни цени за земјоделски производи — 28 денари за вранец и 29 денари за смедеревка. Тој ги критикуваше и за ненавремен и несоодветен здравствен одговор во врска со западнонилската треска, за кризата со водата во Гостивар и за нефункционирањето на ПЕТ‑скенот каде се снимаат онколошките пациенти.

Фото: СДСМ

Поврзани написи