Филипче: Повторно ќе предложиме минимална плата од 36.000 денари и субвенционирање на придонесите
Претседателот на СДСМ најави законско решение за зголемување на минималната плата и субвенционирање на придонесите за приватните компании.

СДСМ повторно ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата на 36.000 денари, односно 600 евра, и ќе предложи субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата, најави претседателот на партијата и пратеник Венко Филипче на прес-конференција во Собранието.
Мера за олеснување на семејните буџети пред зимата
Филипче објасни дека предлогот се подготвува како одговор на се потешката економска состојба и растечките трошоци со кои се соочуваат домаќинствата, и дека целта е да се подобри куповната моќ и да се консолидираат буџетите пред очекуваните зголемувања на сметките за струја и греење.
„Имајќи ја предвид ситуацијата, стандардот на граѓаните, имајќи ги предвид секојдневните повици и комуникации што ги имаме со граѓаните, ние повторно во Собранието ќе го поднесеме Законот за зголемување на минималната плата. Бараме минималната плата да се качи на 36.000 денари, односно 600 евра, со што барем некако ќе закрепнат граѓаните, стандардот ќе им се подобри и ќе може да се консолидираат семејните буџети во пресрет на тешките есенски месеци кога ќе се зголемат сметките за струја, дополнително и сметките за греење“, изјави Филипче.
Тој додаде дека во законското решение ќе биде опфатена и мерка за поддршка на приватниот сектор и дека деталите за субвенцијата на придонесите ќе бидат предложени на почетокот на следната недела.
„Уште една мерка е субвенција на придонесите за приватните компании за разликата на придонесите во однос на зголемувањето на минималната плата, да им се помогне и на компаниите и да не им биде дополнителен товар во оваа тешка ситуација, знаејќи колку должи државата и во однос на повратот на ДДВ. Огромен број компании остануваат неликвидни, земаат кредити што веќе не можат да ги вратат и почнуваат да затвораат“, рече претседателот на СДСМ.
Според Филипче, унгарскиот кредит е предмет на истрага поради нелегални постапки и, како што истакна, македонските граѓани не почувствувале никаков ефект од тие пари. Тој ги критикуваше актуелната власт дека нема економски резултати и дека наместо да инвестира во развој, ги троши средствата на партиски тендери.
Фото: прес-материјал од настанот


