Филипче: Ситнењето на опозицијата не е добро за иднината на државата
Претседателот на СДСМ тврди дека одбивањето за внатрепартиски дијалог и бизнис-врските покажуваат намери да се ослаби опозицијата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги обвини иницијаторите на таканаречената демократска платформа дека дејствуваат од лични и финансиски интереси и дека во дел од случаите постои соработка со владејачките структури со цел да се ослабне опозицијата.
Според Филипче, вратите на партијата се отворени за внатрепартиска дебата и обединување, но одбивањето да се вклучат во таков дијалог ги потврдува сомнежите за вистинските мотиви на движењето.
„Како може да се коментира поинаку освен дека се платени од власта, кога еден од тие луѓе – поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Куркчиев – односно фирмата која тој ја претставува, добила тендер од 1,6 милиони евра од државна фирма? Во ова време кога сè е централизирано, се знае кој одлучува за државните тендери,“ рече Филипче.
Предупредување за „раситнување“
Тој предупреди дека раситнувањето на опозицискиот блок е модел кој, како што рече, потсетува на практиките на српската владејачка партија СНС и цели опозицијата да остане распарчена и неспособна да се собере.
Филипче потсети на појавата на ЗНАМ, која според него довела до поделба на гласовите на СДСМ и директно овозможила победа на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, по што ЗНАМ се приклучила на власта. Тој повика иницијаторите да се вразумат и да ги спојат силите заради иднината на државата.
„Нека се вразумат! Не е во прашање само СДСМ, туку иднината на државата. Вака ако се остави да владее арамиската група на Христијан Мицкоски, лошо се пишува на секој еден којшто тука живее. Ги повикувам да ги споиме силите и заедно да се избориме,“ додаде Филипче.
Фото: прес-материјал од настанот


