Почетна
Политика

Филипче: уставните измени со одложено дејство може да ги поддржиме, внатрешните гаранции се „игранка на ВМРО‑ДПМНЕ“

Филипче: уставни измени со одложено дејство се прифатливи ако тоа ја зајакне позицијата пред ЕУ; предложените "внатрешни гаранции" ги оцени како политичка игранка.

·Политика
Филипче: уставните измени со одложено дејство може да ги поддржиме, внатрешните гаранции се „игранка на ВМРО‑ДПМНЕ“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата би ги поддржала уставните измени со одложено влегување во сила ако тоа беше прифатливо и за Европската Унија, но додаде дека ЕУ не ја поддржува идејата за одложување. Тој ги даде изјавите на брифинг со новинари, на прашање дали СДСМ ќе постапи конструктивно доколку се направи чекор кон забрзување на европските интеграции.

„Било што, што е прифатливо за нас и за Европа и ќе ја подобри нашата преговарачка позиција, вие ќе го поддржите“ – рече Филипче, изразувајќи отвореност за сите решенија кои би ја зајакнале позицијата на земјата во преговорите со Брисел.

Филипче oстрано ја критикуваше ВМРО‑ДПМНЕ, тврдејќи дека партијата намерно шири хистерија. Тој посочи дека изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка со ЕУ го разоткрива ваквото однесување.

Според него, претходните ставови на Александар Николоски и на Мицкоски, кои даваа спротивни интерпретации, ја покажуваат намерната игра со емоциите на граѓаните за да се блокира европскиот процес.

На прашањето за идејата за внатрешни гаранции, Филипче возврати со контра-прашање: „Што се тие гаранции, дека сме Македонци?“ и оценува дека тоа е уште една игранка на ВМРО‑ДПМНЕ.

Во врска со можноста Бугарија повторно да блокира по евентуално усвојување на уставните промени, Филипче рече дека тоа не може со сигурност да се тврди: „Дали ќе се соочиме со непринципиелна блокада од Бугарија – не знаеме. Што можеме да изгубиме, што не плаши ВМРО‑ДПМНЕ? Јазикот не можат да ни го земат, тој е признат во ЕУ, што се однесува до работата на Историската комисија, таму се решава со консензус и веќе е постигнат договор за четири историски личности. Никој не може да ни ја земе историјата“ – изјави лидерот на СДСМ. Тој додаде дека се сретнал со претседателот на Европскиот совет Анотнио Кошта за време на неговата посета на Скопје и дека ставот на ЕУ е јасен: уставните измени треба да се направат, а ако земјата ги исполни критериумите за членство, нема сила што може да ја запре на патот кон Унијата. На прашање за наводни задни активности споменати од евроамбасадорот Михалис Рокас и за изјавата на Гордана Сиљановска‑Давкова дека 30 септември ќе биде клучен датум, Филипче рече дека нема такви информации.

Фото: Фејсбук

Поврзани написи