Почетна
Македонија

Филипче: Власта нè пљачка и изолира, наша задача е да ја вратиме државата во служба на народот

На маршот по повод 85 години од Народното востание, лидерот на СДСМ го повика народот на демократска борба против корупцијата и иселувањето.

·Македонија
Филипче: Власта нè пљачка и изолира, наша задача е да ја вратиме државата во служба на народот

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја нападна власта при своето обраќање по маршот во Прилеп на 11 октомври, на одбележувањето на 85‑годишнината од Народното востание и антифашистичката борба. Тој истакна дека задачата на партијата е да ја врати државата во служба на народот.

Во говорот Филипче ја поврза денешната политичка борба со вредностите на партизанската борба и ја оцени власта како криминална и ограбувачка. "Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот", рече Филипче.

Демократска борба и општествена одговорност

Тој нагласи дека борбата треба да се води со демократски средства и јавен говор, а не со насилство. "Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните. Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт. Борбата за Македонија денеска е борба за работниците, за подобар стандард, за наставниците, за лекарите, за земјоделците, за младите и пензионерите… Борбата за Македонија, другарки и другари, денеска е борба против нејзина распродажба, за рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродожба, за туѓи профити и провизии. Борбата за Македонија е борба против воскресување на фашизмот и фашистичките методи на владеење", рече Филипче.

Лидерот на СДСМ потсети дека предците се бореле за држава и дека сегашната генерација има обврска да создаде услови младите да останат. "Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача", рече Филипче, додавајќи дека празните училишни клупи и намалениот број првачиња се сериозен аларм за иднината на државата.

Тој апелираше иселувањето да не стане нормалност и рече дека секој млад човек треба да има перспектива во својата татковина. "Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И најмногу од сè, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина. Затоа што патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика. И токму затоа денес сакам посебно да им се обратам на младите. Тие што имаат 18, 20, 25 години. Вашата генерација денес има друга битка. Битка за иднината. Ние сме тука да ја водиме за вас и со вас. Затоа, наша следна голема национална задача е заедничка. Европската иднина и европски можности за секое младо момче и девојка тука во Македонија", порача Филипче.

Во завршниот дел од говорот тој го постави актуелниот ангажман во континуитетот на историските борби за слобода и државност. "Илинденците се бореа за слобода и ги поставија темелите на борбата. АСНОМците ја втемелија државноста. Генерацијата на независност ја создаде суверена и меѓународно призната Република Макеоднија. Генерацијата за последните десет години го обезбеди нашето членство во НАТО, а на нас и секоја следна генерација и останува обврската да ја продолжи таа историска вертикала, да ја чува и развива државата и да ја носи напред кон Европа", рече Филипче.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи