Филипче: Власта повторно доцни за епидемијата во Гостивар, граѓаните добиваат контрадикторни информации
Филипче вели дека институциите реагирале доцна и го критикуваше начинот на информирање за безбедноста на водата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг за медиуми остро го критикуваше постапувањето на власта по појавата на епидемијата во Гостивар и оцени дека институциите реагирале доцна, откако епидемијата веќе добила сериозен замав.
Филипче рече дека наместо превенција, се преземаат реактивни мерки и дека тоа се гледа преку начинот на постапување околу водата и раното откривање на заболувањата.
„Водата во Гостивар е показател дека сите реакции се задоцнети. Дури денеска Министерството за здравство носи некакви препораки за рано детектирање и откривање симптоми, детекција на пациенти, кога веќе епидемијата има многу силен замав. Сега стигнуваат препораки од Комисијата за заразни болести, а пред две недели предупредив дека следно што може да се јави е хепатит“, рече Филипче.
Власта, според Филипче, создаде конфузија
Тој ги оцени владиниот однос како „максимална несериозност и импровизација“ и посочи дека институциите немаат јасен одговор за дополнителните превентивни мерки кои треба да се спроведат за да се заштити јавното здравје. Според него, граѓаните добиваат препораки да користат техничка вода, но без институциите да објаснат од каде доаѓа таа вода, кој ја контролира и како е гарантирана нејзината безбедност.
„-На кого да му веруваме, на Клековски или на Христијан? За техничка вода ќе биде или нема да биде? Контрадикторни изјави, рече Филипче."
Тој предупреди и за можните ризици за безбедноста на водата во Скопје и побара надлежните јавно да информираат дали се проверени бунарите што го надополнуваат системот Рашче.
Фото: прес-материјал од настанот