Финансиската полиција отвори предмет за можно влегување на сомнителен капитал во медиумите
ААВМУ ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио додека траат проверките.

Управата за финансиска полиција соопшти дека отвори предмет и ги проверува наводите за можно влегување на сомнителен капитал во медиумскиот простор во земјава.
Во соопштението се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио додека траат проверките.
Барање за истрага од опозицијата
Соопштението на Финансиската полиција следи по јавните повици на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Партиската портпаролка Богданка Кузеска јавно побара институциите да ги истражат сомнежите за, како што рече, влегување на српска медиумска машинерија во земјата и поврзаните трансакции.
Во своето соопштение Финансиската полиција посочува: "Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги презема потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности", се вели во соопштението од Управата за финасиска полиција.
Од Управата апелираат да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации, нагласувајќи дека надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон со цел заштита на јавниот интерес.
СДСМ тврди дека неколку канали подолг период работат без домашни дозволи и посочува на ист модел што, според партијата, се подготвува и со "Еуроњуз Македонија" и влегувањето на српската медиумска групација "Ало". Социјалдемократите од Бихаќка наведоа дека влегувањето на српската „Алта банка“ во земјава може да создаде механизам за пренасочување на државни средства кон банка поврзана со финансирање и влијание врз медиумите и го повикаа проверка на потеклото и движењето на парите и евентуалните врски со медиумските инвестиции.
Досега нема дополнителни детали за предметот кој го отвори Финансиската полиција: не е соопштено кога е отворен предметот и кои конкретни телевизија и радио се опфатени со запрената постапка од ААВМУ. Вчера пет телевизии членки на Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис МРТ излегоа со тврдење дека каналите Arena M1, M2 и M3 Premium во земјава работат без потребните домашни дозволи, додека ААВМУ ги отфрли тие наводи и објасни дека ги третира како странски програмски сервиси бидејќи нивниот изворен сигнал не се емитува од територијата на Северна Македонија.
Фото: Архива