Фон дер Лајен го посоветувала Мицкоски да побара билатерална средба со Софија
По разговорот во Скопје, е договорен прв чекор — средба меѓу Муцунски и Велислава Петрова Чамова како почеток на деблокадата.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му советува на премиерот Христијан Мицкоски да побара билатерална средба со бугарската страна како иницијален чекор за деблокирање на евроинтеграциите на Северна Македонија.
По разговорот во Скопје, фон дер Лајен најави дека е договорен прв потег: министерот за надворешни работи Муцунски да побара средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова за време на нејзината посета следната недела. Таа не појасни дали ЕУ ќе испрати посредник, но нагласи дека приоритет е прво да се деблокираат преговорите, а потоа да се изготви патоказ за Северна Македонија.
„Прво деблокада, па патоказ“
„Се договоривме да имаме еден прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот, всушност да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел. Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето мислење е дека можеме да бидеме брзи со Северна Македонија. Затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои што се неопходни. Да, се уште има работа, но импресивно е она што го имате направено и сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата, за да можеме дојдеме потоа со патоказ и до Северна Македонија,“ изјави Урсула фон дер Лаејн.
Премиерот Христијан Мицкоски за ТВ 24 рече дека по предлогот од претседателката ги задолжил надлежните да преземат конкретни дипломатски чекори.
„Од претседателката добив совет. Веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи е во Софија, причина за тоа е коридорот 8 и проектите кои што ги движиме во рамките на тој коридор 8. Да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме процесот од некаде да го движиме,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Фон дер Лајен повтори и порака за уставните измени и уверување дека ЕУ ќе ја пречека Северна Македонија со нејзиниот идентитет, јазик и култура. Таа го пофали напредокот постигнат преку Планот за раст, но предупреди дека реформите продолжуваат да бидат неопходни. По средбата со премиерот, претседателката на Европската комисија имаше и тет-а-тет средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со што ја заокружи регионалната турнеја.
Фото: прес-материјал од настанот


