ФУЕН едногласно ја усвои резолуцијата за правата на Македонците во Албанија
На конгрес во Хелсинки, Македонското друштво „Илинден“‑Тирана обезбеди поддршка за четири барања упатени до Тирана и европските институции.

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на својот конгрес во Хелсинки, Финска, едногласно ја усвои Резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден“‑Тирана. Делегатите гласаа на едногласно усвојување, што претставува дипломатски и институционален успех за македонското малцинство во Република Албанија.
Четири клучни барања
Со усвоената резолуција, ФУЕН адресира четири конкретни побарувања до албанските и меѓународните институции:
- Ратификација на Европската повелба: Република Албанија итно да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.
- Заштита на идентитетот: да се преземат ефективни и конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет од зачестените притисоци, негирања и асимилација.
- Зачувување на Општина Пустец: Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на претстојната нова административно‑територијална реформа во Албанија.
- Преименување: Општина Пустец официјално да се преименува во Општина Преспа.
Веднаш по гласањето, претседателот на Македонското друштво „Илинден“‑Тирана, Никола Ѓурѓај, го истакна значењето на овој момент.
„ Ова е значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, идентитет, култура и сите права на Македонците во Република Албанија. Веќе 11 години, како рамноправна членка на ФУЕН, активно учествуваме во работата на оваа реномирана европска организација и ги застапуваме интересите на нашиот народ. Ова е можност за нови искуства, зајакнување на соработката со другите национални малцинства во Европа и дополнителна афирмација на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција. Со голем гордост го претставуваме македонското национално малцинство на европско ниво“ , изјави Ѓурѓај.
Според соопштението, резолуцијата во најкраток рок ќе биде официјално доставена до сите релевантни албански државни органи, како и до клучните меѓународни и европски институции за заштита на човековите и малцинските права.
Поддржувачите на иницијативата очекуваат дека одлуката на ФУЕН ќе ја зголеми заинтересираноста за конкретни правни и административни гаранции од Тирана и ќе ја зацврсти соработката меѓу малцинските организации на ниво на Европа.
Фото: прес-материјал од настанот


