Почетна
Македонија

ФЗО: 1 883 барања за инвитро за една година — 237 за четврти, петти и шести обид

Во периодот 7 август 2025–20 август 2026 ФЗО разгледа 1 883 барања за БПО; 237 се за четврти до шести обид.

·Македонија
ФЗО: 1 883 барања за инвитро за една година — 237 за четврти, петти и шести обид

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година биле разгледани вкупно 1 883 барања за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), од кои 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид.

Промени во процедурите и продолжена можност

Од вкупно 237 барања за подоцнежни обиди, 216 барања се за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања се за шести обид. „Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“, велат од ФЗО.

ФЗО истакнува дека, покрај проширувањето на правото до шест обиди на товар на Фондот, воведена е електронска достава на известувањето за одобрено право, рокот за приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а укината е потребата од дополнителен упат од матичен гинеколог.

БПО постапките во 2025 година биле реализирани во осум приватни и јавни здравствени установи со кои Фондот има договор, а за тие процедури ФЗО исплатил над 97,3 милиони денари.

„Здравствениот систем не може сам да ги промени демографските текови, но може да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Не станува збор само за измена на еден член од закон или за дополнителен ваучер. Станува збор за уште една шанса надежта да стане живот“, додаваат од ФЗО.

Фондот нагласува дека проширувањето на правото до шест обиди не останало само законска можност, туку право кое осигурениците реално го користат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи