Гади Ајзенкот доби мандат за составување влада
Претседателот Исак Херцог му го додели мандатот по препорака на парламентарни групи кои сочинуваат мнозинство од 67 пратеници.

Претседателот Исак Херцог му го додели мандатот за составување нова влада на поранешниот началник на Генералштабот на Израел, Гади Ајзенкот, на 08 ноември 2026 година, по консултациите во кои парламентарни групи што сочинуваат мнозинство од 67 пратеници го препорачале за функцијата. Ајзенкот, лидер на центристичката партија Јашар, доби рок од 28 дена да формира коалиција, со можност за продолжување од уште 14 дена.
Тешката математика во Кнесетот
Ајзенкот ги опиша предизвиците како прашање на национален спас. „Внатре доживуваме еден од најранливите моменти на изралеската демократија. На Израел му е потребно ново лидерство како кислород за дишење. На Израел му е потребна нова влада“, рече тој при приемот на мандатот.
Распоредот на силите во 120‑члениот Кнесет не дозволува едноставно владино мнозинство. Партијата Ликуд на Бенјамин Нетанјаху има 27 места, додека листата на Ајзенкот освои 21 место. Алијансата од четири партии што го поддржува Ајзенкот има 48 места и најверојатно ќе ѝ треба надворешна поддршка од Заедничката листа и од партијата Ра'ам, кои заедно имаат 19 места, за да се обезбеди стабилно мнозинство.
Ајзенкот упати рака до другите партии и предупреди дека личните калкулации не смеат да стојат на патот на составувањето влада: „Секој што ќе се обиде да спречи формирање влада од лични причини ќе биде запаметен во историјата како некој не успеал да го спаси Израел кога најмногу имало потреба за тоа“, рече тој, со јасна алузија на Нетанјаху и неговите поддржувачи. Тој додаде дека „Сега сме во вонредна состојба и се приближуваме кон точката од која нема враќање за Израел“.
Претседателот Херцог го образложи изборот на Ајзенкот со неговото долгогодишно воено искуство и личната загуба: „Вашето лице носи лузни од куршуми од децении командување и борба, а вашата душа носи најтешка лузна од сите, највисоката цена што вие и вашето семејство ја плативте со смртта на вашиот сакан син Гал и двајца внуци во војната. На Државата Израел ѝ е потребна стабилна влада која е способна да се справи со овие предизвици на долг рок“.
Формирањето коалиција се очекува да биде тешко: центристичката коалиција не обезбеди апсолутно мнозинство на изборите кои се одржаа минатиот месец, а соработката со арапските партии предизвикува внатрешни спорови. Слична разнонасочена коалиција успеа да го собори Нетанјаху во 2021 година, но се распадна по нешто повеќе од една година.
Ако Ајзенкот не успее да постигне договори во дадениот рок, претседателот ќе му го предаде мандатот на друг член на парламентот за период од 28 дена.
Фото: EPA/ABIR SULTAN


