Почетна
Македонија

Гаши: Сите закони за кои е потребен Бадентер ќе бидат ставени на гласање

Африм Гаши најави дека сите закони за кои е потребен Бадентер ќе бидат ставени на гласање, но исходот е неизвесен поради процедуралната блокада на ДУИ.

·Македонија
Гаши: Сите закони за кои е потребен Бадентер ќе бидат ставени на гласање

Првата координација пред почетокот на новата собраниска сесија се одржа денеска, а претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири седници. Две се веќе закажани на 2 и 11 септември, и најверојатно уште две до крајот на месецот.

Предизвик за пратениците останува гласањето на законите за кои е потребен Бадентер. Гаши на брифинг со новинарите рече дека сите ќе бидат ставени на гласање, но оти не може да предвиди каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ. Како закони од особен интерес тој наведуваше: законот за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа и други.

Претседателот: прашањето е повеќе политичко отколку процедурално

На брифингот со новинарите Гаши рече: „Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера тогаш на друго политичко ниво се разговара. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но оставам на политичките актери да го решат“.

Прашан дали лидерска средба би помогнала, Гаши рече дека не може да оценува дали ќе помогне или не, но дека секогаш е за дискусија и за разговор.

На денешната координативна средба присуствувал заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, и немало никаква најава дека повторно ќе има блокада од нивните пратеници. „Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат“, рече Гаши.

Во врска со прашањето за предвремени парламентарни избори, Гаши потенцираше дека вакви избори ќе има само ако 61 пратеник одлучат за распуштање на Собранието. Тој додаде дека е поборник на идејата за редовни парламентарни избори и нема да дозволи злоупотреба на Деловник да предизвика распуштање.

Гаши најави дека наскоро во Собранието треба да пристигне законско решение поврзано со барањето подготовката за правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Во однос на уставните измени, тој рече дека нема информации за нов моментум, но дека Собранието е секогаш подготвено навремено да ги донесе потребните закони поврзани со Реформската агенда и, доколку се донесе одлука за уставни измени, да постапи соодветно. Во следните месеци пристапот во околината на Собранието ќе биде отежнат поради градежните работи поврзани со изградбата на паркинг за пратениците и вработените.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи