Газдата на „Силбо“ назначен за директор на најголемиот авто-испитен центар во земјата
Еден од основачите на „Силбо“ е именуван за управител на „Авто Испитен Центар Скопје“ и на пет подружници во градот.

Еден од основачите на пекарскиот бренд „Силбо“, Боби Милев, го презеде управувањето на најголемото друштво во земјата што ги спроведува возачките испити.
Сопственикот на „Жито клас Силбо“ од минатиот месец е управител на „Авто Испитен Центар Скопје“, како и на сообраќајните центри во Карпош, Центар, Чаир, Аеродром и Гази Баба како подружници.
Промени во сопственоста и раководството
„Авто Испитен Центар Скопје“ од минатиот месец има нов сопственик — Александар Карафиловски го наследи досегашниот сопственик Виктор Серафимов, додека Боби Милев ја презеде директорската функција од Мирјана Бошковска. Друштвото на крајот од минатата година имало приходи од речиси два милиони евра и 48 вработени.
„Авто Испитен Центар Скопје“ е приватна компанија која врши монополска дејност од јавно значење — организира и спроведува теоретските и практичните испити за идни возачи на подрачјето на Скопје. Центарот ги спроведува испитите за сите категории и национални категории на моторни возила.
Правното лице мора да добие лиценца од МВР и да исполнува строго утврдени просторни, кадровски и технички услови за работа. Центарот влезе во оваа дејност во 2018 година, кога го презеде организирањето на возачките испити во Скопје од претходниот оператор АМСМ Испитен центар.
Компанијата била основана на 19 јуни 2018 година, а во тогашните извештаи како сопственик и управител беше наведениот 26-годишен Виктор Серафимов.
Фото: Слободен Печат / Драган Митрески