Германија: складиштата за гас не се целосно полни, цените растат
Италија вели дека германските набавки ги креваат цените; германските служби ја ставаат вината на глобалната понуда и геополитиката.

Складиштата за гас во Германија не се целосно наполнети додека зимата се приближува, а растот на големопродажните цени предизвика жестоки реакции — Рим ја обвинува Германија дека нејзините набавки ги креваат цените во Европа.
Кој ја покренува цената?
Алесандро Ноче, генерален директор за енергетски пазари и инфраструктура во италијанското Министерство за енергетика, рече дека Италија потрошила 300 милиони евра за да ги наполни своите капацитети за складирање и сега плаќа повисока цена поради германските набавки. „Цената моментално изнесува 100 евра бидејќи Германците купуваат, инаку би била 70 евра“, изјави тој за порталот Монтел њуз.
Ноче потсети на наредбата од септември на министерката за економија Катерина Рајхе со која државната компанија SEFE е побарана да набави и складира гас за зимата — нешто на што Рајхе претходно се спротивставуваше. Според него, кога Германија не купувала, цените биле пониски, а пораснатата побарувачка ја подигнала цената.
Сојузното Министерство за економски прашања ги отфрли обвинувањата од Рим. Портпаролка на министерството на 30 октомври изјавила: „Категорично го отфрламе обвинувањето дека набавката и складирањето на природен гас доведуваат до пораст на цените на гасот во Европа.“ И експертите консултирани во Германија не се согласуваат со италијанската теза.
Надја Афани од канцеларијата за односи со јавноста на Сојузната агенција за мрежи укажува на поинаква динамика: „Цените на гасот во голема мере се поврани со неодамнешните геополитички случувања на Блискиот и Средниот Исток. Клучните рути за снабдување во тој регион се сè уште нарушени, што влијае врз формирањето на цените на глобалниот пазар на гас“, вели таа.
Чарли Гринеберг од индустриското здружение Gas-h2 дава понијансирана прогноза: „Кога побарувачката во една земја расте, тоа може да влијае на цените во други земји, оти така функционира европскиот единствен пазар. Да се припишуваат сегашните високи цени исклучиво на нивоата на залихи во Германија, сепак е преедноставно гледање на нештата.“ Тој додава дека „главен двигател на цените е ограничената глобална понуда, која е последица на недостигот во испораките од заливскиот регион, ситуација што влијае на сите европски земји.“
Германските власти нагласуваат дека залихите се доволни. Европската комисија, Сојузната агенција за мрежи и Министерството за економски прашања проценуваат дека моменталните количини треба да обезбедат снабдување низ целата зима. Повеќето германски складишта се над 70 отсто пополнети, а многу локалитети бележат и над 80 или 90 отсто; само неколку се под 40 отсто, што ја спушта вкупната просечна вредност.
Според важечките прописи, повеќето капацитети требаше да бидат наполнети најмалку 80 отсто до 1 ноември. За шест специфични објекти важи понизок праг од 45 проценти, што математички ја спушта поставената цел на околу 70 отсто; реалната собрана бројка е приближно осум до девет процентни поени под таа цел. Индустриските податоци исто така укажуваат дека во моментот во складиштата има околу 150 терават-часови — значително повеќе отколку што беше повлечено минатата зима.
Експертите оценуваат дека состојбата е смирувачка, но претпазлива. „Денешната состојба со снабдувањето е поставена на поцврсти темели отколку што беше за време на кризната зима во 2022 година. Терминалите за течен природен гас, поголемиот број меѓународни добавувачи и силните меѓусебни врски во рамки на Европа нè прават помалку зависни исклучиво од нивото на пополнетост на складиштата“, вели Гринеберг. Сепак, тој предупредува: „Гас има, иако по повисоки цени. Ниските нивоа во складиштата го намалуваат просторот за маневар во случај на пролонгиран студ, со што се зголемува ризикот од краткорочни скокови на цените.“
Фото: прес-материјал од настанот


