Германски државјанин уапсен на Табановце поради дрога во форма на бонбони
Цариниците при контрола пронајдоа хашиш, амфетамин, MDMA и тетрахидроканабинол; случајот е сниман со боди-камери и пријавен во Основното јавно обвинителство Куманово.

Германски државјанин е приведен на граничниот премин Табановце откако цариниците во контролата на возилото и при личниот претрес пронашле различни видови дрога. Случајот е документиран и со снимки од боди-камерите на царинските службеници.
При контрола на влез во државава биле откриени зеленкаста супстанца во црна кесичка, жолта восочна материја во црни кутивчиња и дрога во форма на бомбони. Цариниците исто така пронашле дробилки и вага за прецизно мерење.
Дополнителни наоди при личниот преглед
При личниот претрес на германскиот државјанин биле пронајдени и дополнителни супстанци — материја со зеленкаста боја, бел прав, бел гел и таблети со портокалова и кафена боја. Тој патувал со својот сопружник.
Инспекторите од Одделението за истраги презеле предистражни дејствија на местото на настанот, а по налог на јавниот обвинител било извршено вештачење за утврдување на составот на пронајдените супстанци.
Против германскиот државјанин е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Фото: прес-материјал од настанот


