Ѓоковиќ: Тој пораз ме уништи!
Ѓоковиќ се осврна на болниот пораз од Дел Потро во Рио 2016 и како тој го погодил, пред да го освои олимпиското злато во Париз 2024.

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, се потсети на еден од најтешките порази во неговата кариера — елиминацијата во првото коло од Хуан Мартин дел Потро на Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016 — и призна дека ударот го оставил разнишан.
Ѓоковиќ пристигна во Рио како број еден во светот и во најдобрата форма во кариерата. Неколку недели претходно го освои Ролан Гарос и го заврши својот кариерен Гренд слем, во тој момент држејќи ги сите четири големи титули одеднаш.
Сепак, олимпискиот настап заврши нагло. Дел Потро, тогаш 141-от играч во светот и во процес на враќање по низа повреди, го победи Ѓоковиќ во два тај-брека, 7:6, 7:6, а српскиот ас го напушти теренот во солзи.
„Ова е, без сомнение, еден од најтешките порази во мојот живот и кариера. Раните се уште се свежи. Боли ужасно затоа што бев елиминиран толку рано, но, од друга страна, среќен сум за Дел Потро, затоа што помина низ многу повреди“, се присети Ѓоковиќ.
Од голема болка до затворање на поглавје
Српскиот ас посочи дека поразот го погодил особено затоа што пристигнал во Рио во најдобра можна форма. „Бев на врвот на мојата форма, број еден во светот и веќе ги имав освоено сите четири Гренд слем турнири. Речиси не пропуштив ниту една топка. Тој пораз ме уништи и ме натера да се сомневам во мојата способност да го постигнам ова додека бев на највисоко ниво“, рече Ѓоковиќ.
Она што во 2016 година беше едно од најголемите спортски трауми за Ѓоковиќ, осум години подоцна доби сосема поинаков епилог. На Олимписките игри во Париз во 2024 година, Ѓоковиќ конечно ја освои единствената голема титула што му недостасуваше — во финалето го победи Карлос Алкараз и стигна до олимпиското злато, со што затвори значајно поглавје од својата кариера.
Фото: BNP Paribas Open@BNPPARIBASOPEN