Ѓорѓиевски: Акциите за воспоставување ред на пазарите ќе продолжат, толеранција за дивите продавачи нема да има
Орце Ѓорѓиевски најави продолжување на контролите и отстранување на диви продавачи во сите скопски општини; околу 500 кг храна запленето на Бит-пазар.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека акциите за отстранување на дивите продавачи и воспоставување ред на пазарите ќе продолжат во сите општини во Скопје и дека нема да има толеранција за продавање на тротоарите, булеварите и велосипедските патеки.
Заеднички контроли и одземено храна
При увидот на градежните работи на мостот на улицата „Љубљанска“ во Карпош, Ѓорѓиевски порача дека постојат слободни и соодветни места за продавачите во рамки на самите пазари и дека пешачките зони не смеат да се користат за трговија. Тој нагласи дека акциите се заеднички активности на Град Скопје, Инспекцијата, Агенцијата за храна и ветеринарство и МВР.
Во врска со неодамнешната интервенција на Бит-пазар, градоначалникот истакна дека беа одземени околу 500 килограми храна. Тој додаде дека слични контроли се спроведуваат и во општините Кисела Вода и Центар и повтори дека нема да дозволи толеранција за ваквите појави.
Беа отстранети дивите тезги на потегот од „Мавровка“ до Бит-пазар, при што Агенцијата за храна и ветеринарство заплени околу половина тон храна.
Во однос на шалтер салата во Пошта, Ѓорѓиевски информираше дека Владата преку Министерството за транспорт инвестира во реконструкција на покривот и дека просторот ќе добие нова намена — ќе му биде предаден на младите во рамки на проектот „Скопје – Град престолнина на културата“.
За мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во Гази Баба тој рече дека првиот дел од трасата е обезбеден со уривање на објектите, а од понеделник започнува поставувањето рабници и приклучоци до пристапните улици. Ѓорѓиевски го наведе овој мост како втор капитален проект на градот, а булеварот „Борис Трајковски“ како трет, за кој очекува градежните активности да завршат пред Нова година. Тој посочи и дека на ГУП на Скопје се работи интензивно и дека сите детали ќе бидат транспарентно споделени со јавноста штом бидат достапни.
Фото: прес-материјал од настанот


