Почетна
Македонија

Ѓорѓиевски: Мостот на „Љубљанска“ ќе биде во функција до крајот на годината

Ѓорѓиевски при увид ги презентираше димензиите и техничките решенија, а најави и продолжување на работите по добиената дозвола.

·Македонија
Ѓорѓиевски: Мостот на „Љубљанска“ ќе биде во функција до крајот на годината

До крајот на оваа година се очекува мостот на улицата „Љубљанска“ да биде ставен во функција, најави денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски при увид на градежните работи.

Со отворањето на мостот ќе се поврзат улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, а градските власти велат дека тоа ќе овозможи полесен пристап до Слокуќани, Бардовци и индустриската зона и се очекува да се намали сообраќајот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“.

Димензии и изработки

Ѓорѓиевски рече дека се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5 350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, секоја широка по два метра, со вкупна површина од 3 815 квадратни метри.

Од двете страни на улицата се изградени потпорни ѕидови со 2 050 кубни метри бетон, поставена е атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност и прегледност.

„Со сериозна работа и одговорен пристап, дозволата која моите претходници ја закочија е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности од денес продолжуваат со засилен интензитет“, рече Ѓорѓиевски, кој заедно со неговиот колега од Карпош, Сотир Лукровски, и премиерот Христијан Мицкоски беше на увид.

Паралелно, Градот Скопје работи на изградба на мега парк во Општина Карпош на површина од 70 000 квадратни метри со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.

Фото: Град Скопје

Поврзани написи