Ѓорѓиевски најави мерки за спречување на врсничкото насилство
Градот и МОН ќе изнесат платформа и експертски мерки по инцидентот со 13‑годишното дете во Скопје.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје и Министерството за образование и наука наскоро ќе презентираат сет мерки за намалување и спречување на врсничкото насилство меѓу децата и учениците.
На 03 септември 2026 година, при промоцијата на новите возила за комунална хигиена, Ѓорѓиевски одговараше на прашања поврзани со последниот случај во Скопје во кој 13-годишно момче беше прободено со нож и се бори за живот.
Тој рече дека мерките се подготвуваат во соработка со министерката за образование, Јаневска, и дека во процесот ќе бидат вклучени експерти од соодветни области.
Експертски тимови ќе работат со учениците и со родителите
„Спремаме уште еден поголем сет на мерки заедно во соработка со министерката за образование,Ј аневска, со која имаме одлична соработка, но и силна, силна поддршка во тој дел, така да во наредниот период ќе излеземе со цел сет на мерки и ќе бидете сведоци на она што ќе го започнеме како процес, а ќе влијае. Убеден сум, на долг рок за што помалку случаи такви да имаме“ — изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека експертските тимови ќе работат со учениците, но и со родителите. „Некогаш вината би рекол е кај дел од децата, но многу почесто е вината кај родителите, кои што за жал на таков начин дозволуваат да се однесуваат децата. Но, ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во тој процес. Знаете дека јас како градоначалник на Град Скопје една од оние работи кои што ја направив изминатиов период е да нема телефони присутни на наставата во средните училишта“ — додаде тој по промоцијата на новите возила за собирање на комунален отпад.
Фото: прес-материјал од настанот


