Почетна
Македонија

Ѓорѓиевски: Почнува голема еколошка акција во Скопје, ќе се одржува двапати месечно

„Генералка викенд 2026“ ќе опфати сите општини во Скопје, а градоначалникот вели дека акциите ќе се одржуваат двапати месечно.

·Македонија
Ѓорѓиевски: Почнува голема еколошка акција во Скопје, ќе се одржува двапати месечно

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека утре во 10 часот ќе започне најголемата еколошка акција досега во главниот град.

Акцијата под наслов „Генералка викенд 2026“ ќе опфати сите општини во Скопје и, според објавата на градоначалникот, ќе се вклучат неколкуте илјади волонтери, градоначалниците на скопските општини, претставници на амбасадите, ученици, јавни личности, спортисти и граѓани.

Повикува на заедничка грижа за јавниот простор

Ѓорѓиевски ги повика граѓаните да се приклучат и да ги повикаат пријателите, соседите и колегите за да помогнат во чистењето на улиците, парковите и маалата. Во објавата тој напиша: „Целта е да покажеме колку можеме кога сме сплотени и кога љубовта кон својот град ја претвораме во дело! Заедничката грижа за градот ќе ја покажеме насекаде, затоа што секое маало заслужува чиста и уредена околина. Ве повикувам сите што го сакате овој град да бидете дел од акцијата. Повикајте ги пријателите, соседите, колегите. Да ги засукаме ракавите и заедно да се погрижиме за улиците по кои секојдневно поминуваме, за парковите во кои растат нашите деца и за маалата што ги нарекуваме свој дом“,

Градоначалникот најави дека ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно и оцени дека иницијативата ќе се претвори во традиција со која, како што рече, Скопје ќе се гордее.

Тоj додаде: „Да создадеме навика што ќе трае и по завршувањето на секоја акција. Да ги научиме најмладите на одговорност преку нашите постапки, а на секој што несовесно фрла отпад да му покажеме дека зад чисто Скопје стојат илјадници луѓе што се грижат, работат и нема да се откажат од својот град! Само сплотени можеме да ја подигнеме свеста и да направиме грижата за јавниот простор да стане наша секојдневна навика. Нека оваа акција биде почеток на една убава промена што сите ќе ја гледаме, но и сите ќе ја чуваме!“

Ѓорѓиевски неодамна информира дека е во тек постапка за поставување камери на јавните површини со цел побрзо откривање и санкционирање на лица што несоодветно одлагаат отпад.

Фото: Архива

Поврзани написи