Почетна
Македонија

Ѓорѓиевски: прва подземна сообраќајница на бул. Македонија, нови мостови и мегапарк

Од едногодишниот извештај: завршување на бул. Борис Трајковски, нови мостови, 200.000 м2 зелено и мегапарк од околу 600.000 м2.

·Македонија
Ѓорѓиевски: прва подземна сообраќајница на бул. Македонија, нови мостови и мегапарк

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на претставувањето на едногодишниот извештај кажа дека забрзано се работи на булеварот „Македонија“ и дека тоа ќе биде првата подземна сообраќајница во градот. "Забрзано работиме на булеварот „Македонија". Тоа е првата подземна сообраќајница во Градот Скопје. Иако не го ветив во мојата програма: до крајот на мојот мандат Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница," изјави Ѓорѓиевски, оценувајќи дека администрацијата во изминатите 12 месеци успеала да ја стабилизира финансиската состојба, да ги деблокира клучните проекти и да започне нов инвестициски циклус во инфраструктурата, јавниот превоз и животната средина.

Клучни сообраќајни интервенции

Тој посочи дека булеварот „Борис Трајковски“, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница и може да биде готов и пред крајот на календарската година. „100.000 граѓани ќе добијат целосно проширен, модерен и безбеден булевар за кој се чекаше повеќе од 30 години,“ рече градоначалникот и додаде дека привршува и сложената клучка кај Момин Поток, значајна за развојот на три општини.

Во Карпош преку новиот мост на Вардар, според него, се поврзуваат „Љубљанска“ и „Скупи“ и таа врска исто така ќе биде готова до крајот на оваа календарска година. Ја расчистивме трасата и веќе се асфалтираат пристапните улици на булеварот „АСНОМ“ низ Керамидница, со цел ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“.

„Со овие проекти, почитувани, ќе го растовариме сообраќајот и за првпат ќе преземеме, односно ќе поврземе досега неповрзани делови од нашиот град,“ истакна Ѓорѓиевски. Тој додаде дека се подготвува капитален проект за мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во Градот Скопје, како и проекти за булеварот „Хасан Приштина“ и за нов мост меѓу Ново Лисиче и Маџари. Реализацијата на тој мост е планирана да започне наредната година.

Градоначалникот нагласи дека во моментов се подигаат 200.000 квадратни метри ново зеленило, се формираат мегапаркови и зелени коридори; во тек е изградба на парк покрај Вардар во Сарај; а во Ново Лисиче, кај последната станица на автобусот број 5, во соработка со општина Аеродром започнат е проект за ново зеленило.

„По физибилити студија забрзано се одвива одгасувањето на „Вардариште" и безбедното отстранување на површинскиот мешан и градежен отпад. Таму ќе подигнеме современ мегапарк од околу 600.000 метри квадратни - простор за рекреација и чист воздух. Тоа ќе бидат новите бели дробови на Градот Скопје,“ рече Ѓорѓиевски. Тој додаде дека привршува јавната набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар со повеќе од 500 паркинг места, како и дека постои намера наредната година, по реконструкцијата, повторно да се стави во функција градското кино „Милениум“. „Сите овие проекти имаат една цел, а тоа е подобар живот за нашите скопјани - град што функционира денес и што се подготвува за децениите коишто доаѓаат,“ додаде тој.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи