Ѓорѓиевски: Водата од Рашче е безбедна, депонијата не е на територија на Град Скопје
Градоначалникот вели дека депонијата е на околу 30 километри од изворот Рашче и дека дневните анализи покажуваат дека водата е безбедна за пиење.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека депонијата која се поврзува со изворот Рашче не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите. Тој нагласи дека водата за пиење во главниот град е микробиолошки и хемиски исправна.
Детали за мониторингот и дневните анализи
Изјавата на градоначалникот следува откако СДСМ предупреди дека во близина на изворот Рашче се создава дива депонија и побара итна реакција од надлежните институции, тврдејќи дека состојбата може да претставува ризик за изворот што го снабдува Скопје.
„Изминатиов период во јавноста и на социјалните мрежи се пласираат информации за површинска депонија која се поврзува со изворот „Рашче“, а со тоа се создава непотребен страв и паника кај граѓаните во однос на безбедноста на водата за пиење. Затоа, сакам најпрво да ги кажеме фактите. Депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите „Рашче“. Истата постои веќе 30 години“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена.
Тој посочи дека иако предметната локација не е во директна надлежност на Градот, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е задолжено да постапи во рамки на своите надлежности, а Град Скопје ќе ја даде целосната поддршка за расчистување на локацијата.
„Резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење. Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Изворот „Рашче“ е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Затоа, на граѓаните сакам да им порачам, бидете спокојни“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека никогаш нема да молчи доколку постои каков било ризик за здравјето на скопјани, но и дека нема да дозволи невистини, шпекулации и ширење паника да создаваат недоверба каде што фактите и анализите јасно покажуваат спротивното.
Фото: Орце Ѓорѓиевски / Фејсбук