Глутница кучиња нападна 10-годишно дете во Ѓорче Петров
Детето паднало од велосипедот откако кучињата почнале да трчаат по него, соседите велат дека „Лајка“ не обезбедува трајно решение.

Глутница улични кучиња нападнала 10-годишно дете во скопската населба Ѓорче Петров додека детето со велосипед одело на училиште, велат жители.
Според мајката на детето, кучињата почнале да трчаат и да лаат по него; детето паднало од точакот и било повредено, но луѓето на улица спречиле поголема несреќа.
Жители: проблемот се повторува со месеци
Станарите на улицата Христо Батанџиев велат дека со месеци немаат мир поради глутницата и дека секој ден се плашат да ги пуштат надвор децата. Тие постојано поднесуваат жалби до „Лајка“, но велат дека нема трајно решение.
Жителите додаваат дека дел од кучињата кои биле донесени од друг град биле земени од „Лајка“, но откако биле чипирани, повторно биле вратени во нивното маало.
Во пријавата испратена од родителите на нападнатото дете до „Лајка“ стои: "Ова се случува секој ден со некое дете. Не е нормално секој ден да живееме во страв, поради глутница кучиња да се плашиме да излеземе од дома. Ако не е ваша обврска да го решите проблемот, вашата институција не е потребна. Нема никаква корист од вас за граѓаните. Правите маркетинг, а реалниот проблем не го решавате".
Фото: СДК.МК)


