Големо невреме го погоди Кавадарци, се движи кон Неготино
Пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град во Кавадарци; нестабилност и во други делови на земјата.

Големо невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град го погоди Кавадарци вечерва, а нестабилната воздушна маса се движи кон Неготино.
Нестабилност попладнево низ повеќе места
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) јавуваат дека нестабилно време е регистрирано и во Кочани, Кичево, Свети Николе, западно од Демир Хисар и Македонски Брод. Вечерва дожд и грмежи ја зафатија и дел од скопската котлина, но засега не се со голем интензитет.
Претходно денеска нестабилно било и западно од Крушево и во Битола, а поројни врнежи, грмежи и засилен ветер ја зафатиле и околината на Струмица и подрачјата јужно од Берово.
Засега нема информации за предизвикани штети.
УХМР претходно најави дека во попладневните часови ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите може да се развијат во невреме со силен ветер и појава на град.
Според метеоролозите, слична временска состојба се очекува и утре: претпладне сончево и топло со мала до умерена локална облачност, а попладне повторно локална нестабилност. Температурата утре не се очекува да падне и може да достигне до 35 Целзиусови степени.
Фото: прес-материјал од настанот


