Почетна
Македонија

Гордана Сиљановска - Давкова: 11 Октомври е аманет дека слободата се добива со храброст

Претседателката го потсети на востанието од 1941 и повика на единство, владеење на правото и градење на државата.

·Македонија
Гордана Сиљановска - Давкова: 11 Октомври е аманет дека слободата се добива со храброст

Претседателката на државата Гордана Сиљановска - Давкова упати честитка по повод 11 Октомври — Денот на народното востание, со пораката дека овој светол датум е аманет дека слободата се добива со храброст, правдината бара стаменост и пожртвуваност, а држава се гради со труд, чест и одговорност.

Во објава на нејзиниот фесбук профил таа ја опиша почетната фаза на востанието: "-На 11 Октомври 1941 година, македонските востаници му се придружија на антифашистичкиот демократски фронт, решени да го продолжат патот на илинденците до конечната победа и слобода, формирајќи македонска држава. На 11 Октомври 1941 година, македонските синови и ќерки тргнаа во решителен бој против фашистичките окупатори, бранејќи ја татковината. Во време кога фашистичките сили маршираа низ европските држави, македонскиот мирољубив народ не беше тивок набљудувач на злото, туку патриотски ја прифати обврската за ослободување. Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ, вели Сиљановска - Давкова во објвата на нејзиниот фесбук профил."

Таа истакнува дека 11 Октомври не е само историски датум, туку незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината. Според неа, заветот не значи само евоцирање на спомени, имиња и настани, туку водење државен и општествен живот достоен на нивната жртва.

"-Прилепските и кумановските востаници, но и сите други, не ни оставија само славна страница од минатото, туку аманет дека слободата се добива со храброст, дека правдината бара стаменост и пожртвуваност, дека држава се гради со труд, чест и одговорност. Нивниот херојски подвиг нè задолжува да бидеме не само нивни благодарни потомци, туку и достојни чувари и бранители на нивното непроценливо дело. Се разбира, денешново време наметнува други приоритети, но секогаш остануваат човековата жед за правда, достоинство и слободен живот како насушна потреба," стои во пораката.

Апел за единство и владеење на правото

Во однос на современите предизвици, претседателката порача дека бурниот и сложен историски миг бара сплотеност, зрелост и мудрост при справувањето со проблемите со кои се соочуваат не само нашата земја, туку и Европската Унија, Европа и светот.

Таа ги повика граѓаните да ја третираат државата како заеднички дом, каде различностите се повод за учење и разбирање, а не за поделби, и повика на изградба на правна, демократска и граѓанска држава каде законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на сите, а човечкото достоинство ќе биде неприкосновена вредност. "На крајот, на востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава! Ние пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава. Нека ни е честит 11 Октомври — Денот на народното востание!" стои во честитката на претседателката Сиљановска - Давкова.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи