Гостиварци со трајни последици: Фекалиите во водоводот ќе остават белег врз здравјето
Откако 22 дена пиеле вода загадена со фекалии, граѓаните на Гостивар се соочуваат со ризик од хронични заболувања, додека чистењето на водоводната мрежа ќе биде долг и макотрпен процес.

Здравствена катастрофа со долгорочни последици
Скандалот со загадената вода во Гостивар, каде што граѓаните најмалку 22 дена пиеле вода со фекалии, отвора сериозни прашања за трајните последици врз нивното здравје. Според стручните лица, внесувањето на вода со загадување 48 пати над дозволеното може да предизвика не само акутни стомачни проблеми, туку и хронични заболувања кои ќе ги следат гостиварци цел живот.
Докторот Милан Ристески предупредува дека ваквото загадување сериозно го нарушува цревниот микробиом.
„Пиењето вода загадена со фекалии остава сериозни долгорочни последици врз цревниот микробиом, предизвикувајќи трајна дисбиоза. Патогените бактерии како ешерихија коли, салмонела и гиардија ја уништуваат корисната микрофлора,“посочува тој, додавајќи дека ризиците вклучуваат хронично воспаление, синдром на иритабилно дебело црево, па дури и зголемен ризик од автоимуни заболувања.
Сложен процес на прочистување на мрежата
Враќањето на чистата вода во чешмите нема да се случи преку ноќ. Инженерот Дејан Димовски објаснува дека е неопходен детален и сложен процес на дезинфекција.
„Треба да се направи дезинфекција и испирање на резервоарите, на преливната комора, мрежата да се подели на сегменти, секој дел посебно да се хлорира и испира,“вели Димовски, нагласувајќи дека и самите граѓани ќе мора да ги испираат домашните инсталации и бојлерите.
Проблемот настанал кога, во обид да се зголеми притисокот на водата во летниот период, биле поставени диви пумпи кои црпеле вода од канал во селото Вруток. Во овој канал, според сознанијата, се влевала канализацијата од околните куќи. Оваа контаминирана вода потоа била директно вбризгувана во преливната комора на водоводниот систем.
Институционални пропусти и истрага
Иако Јавното обвинителство веќе покрена постапка против раководни лица од локалното комунално претпријатие, се отвораат прашања за институционалната контрола. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека последниот извештај од Центарот за јавно здравје од 13 јули покажувал дека водата е безбедна, иако истрагата утврдила дека загадувањето траело од 25 јуни до 16 јули.
Додека трае забраната за пиење на водата од градскиот водовод, инспекторите ги проверуваат и угостителските објекти, а граѓаните остануваат во страв од долгорочните последици по нивното здравје од овој невиден еколошки и здравствен инцидент.