„Говор вода“: извор во Шумадија за кој родители велат дека им го враќа говорот на децата
Извор во Шумадија, близу Крушевац, го посетуваат родители кои тврдат дека неколку голтки и испирање можат да предизвикаат први зборови кај деца без говор.

Во срцето на Шумадија постои извор што во последните години почна да привлекува семејства од соседството — но и од Северна Македонија — со тврдења дека неколку капки од таа вода и испирање може да предизвикаат драматични промени кај деца со потешкотии во говорот. Местото е локално познато како „Говор вода“ и собира голем број лични сведоштва.
Изворот се наоѓа на околу три часа возење од Скопје, приближно 160 километри северно од македонската граница, и на околу триесетина километри од градот Крушевац. Лежи на надморска височина од 822 метри, речиси 100 метри под врвот на Гледиќките планини, во близина на селото Жупањевац.
Пристап и особености
Најчесто посетителите ги следат патеките преку Куманово – Прешево – Врање – Лесковац – Ниш – Крушевац, па кон Трстеник и селото Жупањевац. Последниот дел од патот е земјен и планински, тешко достапен за обични возила; многумина советуваат теренец или превоз организиран од локалните жители.
Името „Говор вода“ потекнува од специфичниот звук кој го прави водата додека тече — тивко шушкање кое многумина го поврзуваат со човечки говор. Токму тој впечаток и големиот број лични приказни за исцелување го прават местото привлечна дестинација за родителите на деца со говорни нарушувања.
Многу сведоштва опишуваат брзи промени по контактот со водата. Најцитираниот пример е случајот на детенце од Шабац кое пред посетата не изговарало ниту еден збор; првите зборови што ги кажало на изворот биле: "Боже, Боже".
Маjката на петгодишно дете од Крагуевац за своето искуство кажува: "Го носевме синот кај логопед, но без резултат. Еден роднина ни кажа за ’Говор вода‘. Се качивме со трактор, го измивме лицето на детето, и тој почна да повторува звуци уште истата вечер. По неколку дена рече ’мама‘. За нас тоа беше чудо".
Покрај сведоштвата, местото ја чува и својата историја и природна околина: според устното предание, изворот бил осветен во 15 век од седум монаси кои бегајќи од Турците се засолниле во Гледиќките планини; во близина се остатоци од стара црква посветена на Света Недела за која се верува дека потекнува од 5 век, како и две пештери познати како Голема и Мала Тамница. За многумина, "Говор вода" е спој на вера, природа и надеж.
Фото: прес-материјал од настанот