Почетна
Македонија

Град Скопје ја прифати иницијативата на Левица за олеснување при изградба на прва семејна куќа

Ослободувањето важи само за делот што е приход на Градот и за првите 100 м²; општинскиот дел останува за плаќање.

·Македонија
Град Скопје ја прифати иницијативата на Левица за олеснување при изградба на прва семејна куќа

Град Скопје ја усвои иницијативата поднесена од советничката група на Левица која предвидува финансиско олеснување за млади брачни парови при изградба на прва семејна куќа. Ослободувањето се однесува исклучиво на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје; делот што му припадa на општината останува да се плаќа.

Критериуми и опсег на мерката

Право на мерката ќе имаат брачни парови кај кои ниту еден од супруговите нема друга станбена недвижност соодветна за домување, и кои куќата ја градат за сопствени потреби. Предвидено е ослободувањето да важи за првите 100 квадратни метри нето-станбена површина; ако куќата е поголема, ослободувањето ќе важи само за првата стотка метри, а за остатокот ќе се плаќа надоместок според важечките прописи.

Предлогот е поднесен на 30 септември од советничката група на Левица и беше прифатен од градската управа како конкретна мерка за намалување на почетните трошоци при решавањето на станбеното прашање.

Од партијата посочуваат дека целта е да им се помогне на младите семејства во услови на високи цени на градежните материјали, работната сила и административните давачки, со намалување на финансиските бариери за изградба на сопствен дом во Скопје.

Во образложението Левица наведува: "Создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом не смеат да бидат привилегија достапна само за оние со високи примања или наследен имот. Локалната самоуправа има обврска да креира политики кои ќе им помогнат на младите луѓе да создаваат семејство, да градат сопствен дом и својата иднина да ја гледаат во Скопје".

Партијата додава дека ќе продолжи да предлага локални политики кои нудат директна поддршка за младите и мерки насочени кон потребите на граѓаните.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи