Почетна
Македонија

Град Скопје: Темелна реконструкција на подната фонтана на плоштад „Македонија“

Пластичната подконструкција ќе се замени со иноксни профили, а германската опрема ќе биде сервисирана и прецизно усогласена.

·Македонија
Град Скопје: Темелна реконструкција на подната фонтана на плоштад „Македонија“

Град Скопје започна темелна реконструкција на подната фонтана на плоштадот „Македонија“, со цел трајно решавање на техничките и конструктивните проблеми што го попречуваа нормалното работење.

Се сервисира автоматизиран систем и се поставуваат специјализирани делови од Германија

Од градот информираат дека акцијата не е само сервисирање, туку комплетна интервенција со враќање на функционалноста преку прецизно усогласување на автоматизираниот систем и замена на специјализирана опрема произведена во Германија.

Паралелно со сервисирањето, се изведуваат и конструктивни подобрувања. „Постојната носечка подконструкција, изработена од пластични носачи кои поддржуваа бетонски плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција од иноксни профили, проектирана да издржи значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно се подобруваат стабилноста, безбедноста и долговечноста на целиот систем. Со обновата, фонтаната повторно ќе стане место за средби, детска игра, фотографии, прошетки и убави спомени, враќајќи ја живоста во срцето на градот и повторно претворајќи се во едно од најатрактивните обележја на Скопје“, соопштија оттаму.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на своите социјални мрежи објави видео од активностите на терен, каде што се гледаат работниците при демонтажа на старите елементи и подготовки за поставување на новата конструкција.

Фонтаната во центарот на градот беше изградена како дел од проектот „Скопје 2014“ и беше пуштена во употреба во 2015 година, за време на мандатот на Коце Трајановски. Низ годините се бележени повеќекратни оштетувања откако камиони и други тешки возила пробиваа низ нејзината површина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи