Градот бара проценка по извештајот на „Допелмаер“ — три од четирите безбедносни сензори не работеле
„Допелмаер“ констатираше сериозни недостатоци; градот побара проценка на штетата и вели дека истражните органи треба да утврдат одговорност.

Градот Скопје побара понуда за фирма која ќе направи проценка на штетата по техничкиот увид што го извршила австриската компанија „Допелмаер“ и која откри сериозни технички недостатоци на жичарницата на Водно.
Што покажа контролата и како се разликува од претходните наоди
Според извештајот на „Допелмаер“, три од четирите безбедносни сензори на жичницата не работеле, а носечките и влечните сајли биле оштетени над дозволениот безбедносен минимум. Овие наоди се разликуваат од проверката што во август минатата година ја извршиле ЈСП и Министерството за транспорт, кои утврдиле дека нема технички недоследности, по што жичницата продолжила да работи до 25 април годинава.
Од Град Скопје за Телевизија 24 потврдија дека е побарана понуда за фирма која ќе направи проценка колку ќе чини штетата, за која тврдат дека е резултат на децениско неодржување на жичницата. "Побарана е понуда со цел да се утврди колку ќе чини целосната дефектажа и враќање на жичницата во функција. Констатирани се сериозни недостатоци, предизвикани од тоа што со години не биле спроведувани неопходните големи сервиси и редовното одржување. Не станува збор за мали или тековни интервенции, туку за сериозен и обемен сервис кој очигледно бил занемаруван речиси една деценија. Во однос на евентуалната одговорност, како и сите случаи, за секој оној што направил неправилности - потребно е истражните органи да го испитаат случајот и да постапат согласно Законот", велат од Град Скопје.
Техничките проблеми предизвикаа реакции и од двете најголеми политички партии во земјава. Од СДСМ обвинија дека пропустите се резултат на, како што велат, "синџир" кој започнува од премиерот Христијан Мицкоски и завршува со градоначалниците кои доаѓаат од неговата политичка партија. "Во Швајцарија, поради еден неисправен сензор, имало смрт. Кај нас не работеле три. ЈСП претходно уверуваше дека е безбедна. Ова е системот околу Мицкоски. Премиер, министер, градоначалник – едниот отвора, другиот затвора, едниот полни, другиот празни", обвинуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека обвинувањата на опозицијата се празни ПР-политики за собирање ситни политички поени. "ПР-от на СДС си тера своја политика, меѓутоа Филипче заборавил да им каже дека СДС до пред две години беше седум години на власт на централно и осум години на власт во градот Скопје, со Шилегов и со Арсовска. За очајот во кој го оставија Скопје јасно кажаа граѓаните", велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ЈСП првично најави прекин во работата од само два дена поради проширени технички контроли. Но, по увидот на „Допелмаер“, жичницата остана надвор од употреба. Во јуни, Град Скопје обезбеди 350 илјади евра за сервисирање, со најава дека работите треба да завршат во септември. Доколку се утврдат неправилности, надлежните истражни органи треба да постапат согласно законот.
Фото: прес-материјал од настанот


