Градскиот воз во Скопје: редовен, но празен
Линијата оди само од Скопје до Зелениково и назад, со пет станици; возот користи кинеска електромоторна гарнитура купена пред десетина години.

Празен, но редовен – градскиот воз е единствениот на кој може да се потпрете ако сакате без поголем проблем да стигнете од едно до друго место со македонската железница.
По половина ден поминат на пероните на скопската Железничка станица и по две тури со возот, утврдено е дека во моментов тој сообраќа само на една линија – од Скопје до Зелениково и назад, со пет станици помеѓу.
Зелениково е попатна станица и за ретките меѓуградски возови за Велес, Битола и Гевгелија, па градскиот воз ја користи истата пруга. За него е предвиден посебен воз и возен ред според кој растојанието од 25 километри во еден правец треба да се помине за 25 минути.
Точност и пополнетост
Додека повеќето меѓуградски возови во текот на посетата доцнеа со часови или воопшто не тргнуваа од скопската Железничка станица, градскиот воз сепак возеше. Не беше точен во минута по моделот на железници со развиен возен ред, но сообраќаше.
За градскиот воз е резервиран перон број три и кинеската електромоторна гарнитура купена пред десетина години, како дел од последната набавка на патнички возови за македонската железница.
Фото: прес-материјал од настанот


