Почетна
Македонија

Хаос со меѓуградските автобуси низ Скопје: незаконски запирања, блокирани ленти и велосипедски патеки

Граѓани пријавуваат автобуси да симнуваат и качуваат патници на непредвидени локации низ центарот на градот, блокирајќи ленти и велосипедски патеки.

·Македонија
Хаос со меѓуградските автобуси низ Скопје: незаконски запирања, блокирани ленти и велосипедски патеки

Автобуси кои вршат меѓуградски (меѓуопштински) превоз означени како линии за меѓуопштински сообраќај, според сведоштва на граѓани, често застануваат и земаат или симнуваат патници на непредвидени локации низ центарот на Скопје, со што предизвикуваат метеж и го попречуваат сообраќајот и велосипедските патеки.

– Јас се движам со велосипед до работа и често ми се случува долж „Партизанска“ автобус некој да застане, спроти хотел „Карпош“ или кај Универзална сала, а понекогаш и спроти пазарот Буњаковец и да истовари патници. И гледате наеднаш десетина луѓе се симнуваат на велоспиедска и прават хаос. Ај што ја блокира сообраќајната лента, ја блокира и велосипедската патека каде што не е означено дека е автобуско стојалиште – вели наш читател.

Други очевидци велат дека често гледаат автобуси да ставаат или симнуваат патници кај Судската палата или на улица „Македонија“ спроти хотел „Бристол“, иако тие локации не се означени како попатни станици за меѓуопштински превоз.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ни беше посочено дека Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје презема мерки во рамки на своите законски надлежности, согласно член 72 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Дополнително, МВР укажува дека за прашањето на запирањето и качувањето/симнувањето патници при меѓуградски автобуси делегирана надлежност има и Министерството за транспорт, согласно Законот за превоз во патниот сообраќај.

Кои места смеат да бидат попатни станици

Се обидовме да добиеме официјално појаснување и од Министерството за транспорт и врски и од Државниот инспекторат за транспорт, но одговори не пристигнаа пред објавувањето на текстот.

Според достапните правилници и Законот за превоз во патниот сообраќај, меѓуопштинските линии не смеат произволно да застануваат за качување и симнување патници: станиците и стојалиштата мора да бидат наведени во одобрениот возен ред на конкретната линија. Правилникот за начинот и поблиските услови за одобрување на возни редови, објавен во Службен весник бр. 105/2019, предвидува дека попатни станици можат да бидат населени места и автобуски постојки кои од соодветната општина се одобрени како попатни станици за меѓуопштински превоз.

Ажурираната база на возни редови објавена од Министерството за транспорт на 10 ноември 2025 година ги наведува следните попатни стојалишта во Скопје: на улицата „Ѓорче Петров“ кај СП „Планет“, на булеварот „Партизански одреди“ кај Соборниот храм и две на булеварот „Александар Македонски“ – кај „Алкалоид“ и кај хотелот „Континентал“. Доколку автобус застанува на место што не е внесено во одобрениот возен ред, тоа може да претставува прекршок на условите под кои му е одобрена линијата.

Законот предвидува и санкции: член 34 јасно вели дека при меѓуопштински линиски превоз качување и слегување патници може да се врши само на автобуски станици и стојалишта внесени во дозволата и возниот ред; член 35 го обврзува превозникот да застанува согласно дозволата и возниот ред. Член 99-б предвидува глоба од 200 евра во денарска противвредност, која се изрекува на самото место, за возачот кој качува или симнува патници надвор од определените стојалишта или не застанува на наведени станици. Државниот инспектор за патен сообраќај може да донесе решение за привремено одземање на дозволата и предлог за бришење на возниот ред од евиденцијата доколку превозникот не се придржува до одобрениот и регистриран возен ред (член 89).

Фото: Слободен печат

Поврзани написи