Хашим Тачи ги повика граѓаните на Косово да останат смирени по пресудата
Преку адвокатот, Тачи им се заблагодари на поддржувачите и ги повика граѓаните да останат смирени откако му беше изречена казна од 25 години.

Хашим Тачи преку својот адвокат се огласи првпат по пресудата и им се заблагодари на поддржувачите, повикувајќи ги граѓаните на Косово да останат смирени, соопшти адвокатот Лука Мишетиќ во објава на Икс.
Во пораката која ја пренесе Мишетиќ, Тачи ја оцени пресудата како неправедна и им изрази благодарност на граѓаните на Косово и на меѓународната заедница за поддршката што тој, како и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, ја добиле.
Пресудите и казните
Специјализираните совети на Косово во Хаг го осудија Хашим Тачи на 25 години затвор. На Јакуп Красниќи му беше изречена иста казна од 25 години, Кадри Весели доби 18 години, а Реџеп Селими 13 години затвор.
Адвокатот Мишетиќ најави дека одбраната ќе поднесе жалба, тврдејќи дека во пресудата има значајни правни и фактички грешки кои ја нарушиле правичноста на постапката. Тој посочи дека одбраната уште за време на судењето изразила загриженост за однесувањето на судот и за наводната појава на пристрасност.
Во објавата на Икс, Мишетиќ го цитира Тачи: "Хашим Тачи сака да ја изрази својата искрена благодарност за големата поддршка што тој, како и Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, ја добија од народот на Косово и од меѓународната заедница, и ги повикува граѓаните на Косово да останат смирени како одговор на неправдата."
Адвокатот додаде: "Одбраната верува дека интервенциите на судот отишле надвор од вообичаената рамка за утврдување на вистината, со што го нарушиле изгледот на непристрасност што го бараат меѓународните судски стандарди. Овој недостаток на непристрасност сега се рефлектира во пресудата на судскиот совет."
По изрекувањето на пресудите, беа пријавени немири во Хаг и во делови од Косово.
Фото: Архива


