Почетна
Македонија

ХЕРА отвори советувалиште за перименопауза во Скопје

Советувалиштето во Младинскиот центар „Сакам да знам“ ќе работи еднаш неделно, среда 15–18 часот; пациентките можат да дојдат директно или да закажат повик.

·Македонија
ХЕРА отвори советувалиште за перименопауза во Скопје

Советувалиште за перименопауза е отворено во Младинскиот центар „Сакам да знам“, на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА. Просториите се на улицата Елисие Поповски Марко бр. 2, во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Советувалиштето ќе работи еднаш неделно и е предвидено да биде отворено во среда од 15 до 18 часот. Жените може да дојдат директно во советувалиштето, а може и да закажат консултација со лекар по телефонските броеви на ХЕРА.

Што ќе добијат пациентките

Д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА, рече дека со отворањето ќе им се обезбеди конкретна поддршка и ќе се нагласи важноста на перименопаузата во земјата.

„Конкретно жените добиваат стручна поддршка на едно место од обучени лица коишто ќе им ги дадат сите потребни информации и услуги за овој  период од животот на жената за којшто досега не се работело многу, а сметаме дека имаат жените потреба од соодветна грижа и услуги во во овој период“, вели д-р Савески.

Според гинеколот прим. д-р Искра Дуковска, хормоналните промени што настапуваат во годините пред, за време и по менопаузата носат значителен ризик за хронични болести како кардиоваскуларни заболувања и остеопороза, и советувалиштето ќе ја олесни комуникацијата со специјалистот.

„Овие хронични заболувања можат значајно да влијаат на животот и функционирањето на самата жена, особено знаејќи го фактот дека животниот век сега продолжува и околу една третина од животот жената го поминува во оваа перименопауза. Од тука истовремено се зголемува и потребата од добра медицинска грижа и услуги кај овие пациентки. ​Оа советувалиште ќе обезбеди директна комуникација со гинеколог каде што ќе може жената да ги каже своите симптоми, каде што ќе може да добие проверени и современи информации, каде што ќе може да се направи една заедничка одлука за решавање на соодветните проблеми и насоки за подобро здравје. Јас како гинеколог лично сметам дека пациентките ќе можат да добијат еден исклучително важен начин на којшто ќе можат да бидат сослушани, каде што ќе можат да бидат сериозно разгледани нивните проблеми, нивните симптоми и каде што заедно ќе можеме да одлучиме како понатаму да се справат со тие симптоми. Отворањето на ова советувалиште ќе овозможи секоја една жена да знае дека не треба да молчи, не треба периодот само да помине, дека треба да се грижи за своето здравје и дека има стручни лица коишто ќе помогнат во тоа преку добрата информација и добрата насока“, кажа прим. д-р Дуковска.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: К. Попов)

Поврзани написи