Холандија се противи на обидот на САД да ги принуди сојузниците да воведат рестрикции за извоз на висока технологија во Кина
Холандија предупредува дека предлогот може да наштети на ASML и дека земјата сама управува со своите извозни контроли.

Холандската влада го повика американскиот Конгрес да не го усвои предложениот закон кој би ги притискал сојузниците на САД да воведат рестрикции во извозот на напредни микрочипови и опремата за нивна изработка.
Министерот за надворешни работи Том Берендсен изрази загриженост поради законската иницијатива и предупреди против еднострани мерки со прекугранично влијание.
Проблеми за ASML и националниот суверенитет во извозните контроли
Берендсен нагласи дека Холандија ги одредува своите извозни контроли врз основа на своето законодавство и не прифаќа надворешен притисок што би ја отежнал одлуката. Тој истакна дека оваа иницијатива може да значително да го погоди ASML, холандскиот производител на опрема за производство на напредни чипови, со проекции дека дури 20 проценти од продажбата на опрема оваа година ќе бидат поврзани со Кина.
"Со загриженост го следиме законот. Не сакаме унилатерални одлуки кои имаат прекугранично влијание. Холандија сама одлучува за нашите извозни контроли врз основа на нашето законодавство", изјави Берендсен.
Тој додаде дека моменталните пораки и дипломатските напори на холандската влада се насочени кон тоа законот да не биде усвоен во САД. "Тоа е нашата најважна порака", додаде Берендсен.
Предлог-законот од американска страна е дел од обидите за мултилатерално усогласување на контроли за технологија и хардвер со цел забавување на кинеското производство и развој на напредни микрочипови, кои се клучни за напредокот на вештачката интелигенција. Документот предупредува дека доколку сојузниците не ги усогласат своите рестрикции со американските, Вашингтон може еднострано да воведе ограничувања и на нивниот извоз.
Фото: прес-материјал од настанот


