Хуманитарен концерт во Штип за спас на животот на тапанарот Васко Попадинов
Музичари од македонската сцена ќе настапат на 10 ноември 2026 во Домот на културата „Ацо Шопов“ за да соберат средства за итни здравствени испитувања.

Хуманитарен концерт ќе се одржи во Штип на 10 ноември 2026 година со почеток во 20:00 часот за собирање средства за штипскиот тапанар Васко Попадинов, кој веќе седум години води тешка здравствена битка и не може да работи.
Неговиот здравствен епилог почнал со долгорочни компликации на црниот дроб; минатата година лекарите утврдиле дека главната лева коронарна артерија му е речиси целосно запушена и му бил вграден стент. И покрај тоа, состојбата не се подобрува и се бараат итни дополнителни испитувања.
Музичката сцена се мобилизира
„Најмногу се плашам дека срцето ќе ми застане ненадејно, а дома сум сам… По помалку од 100 метри пешачење морам да застанам и да седнам. Денес не можам сам ни да се избањам, ниту да се качам по скали“, сведочи Васко, кој живее сам и преживува од минимална социјална помош.
Повикот за помош го сподели фолк-пејачот Влатко Миладиноски заедно со братот Златко Миладиноски. На хуманитарниот настан во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе настапат: Влатко Миладиноски (со Големиот оркестар на Златко Миладиноски), Сузана Гавазова, Стојне Николова, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, Василија Петрова, групата „Алегро“, Тања Јованоска, Горан Тодороски и Александар Ангелов – Гајда. Модератор на настанот ќе биде Зорјан Ѓорѓиев.
Лекарите во приватна клиника препорачале итни дополнителни испитувања за да се утврди зошто тегобите не престануваат и дали терапијата дава резултат: нова коронарографија, магнетна резонанца на срцето и специјални тестови. Поради високите трошоци и ризикот, Васко не може сам да ги покрие овие испитувања.
Влезот на концертот е со донација, а сите собрани средства ќе бидат наменети за медицински испитувања и лекување. За оние што нема да можат да присуствуваат, обезбедени се официјални банкарски сметки за директни уплати:
- Денарска сметка: 210501701861072
- Девизна сметка (IBAN): MK07270700123451073
- SWIFT CODE/BIC: EXPCMK22
Број за информации и контакт: Валентин (078 246 204) / Наталија (070 296 276).
Граѓаните и музичката заедница се повикуваат да ја покажат својата хуманост и да му помогнат на нивниот сограѓанин во важната животна борба.
Фото: прес-материјал од настанот


