Почетна
Македонија

Идентификувано лице што постави албанско знаме на полициско возило во Тетово

МВР соопшти дека лицето е повикано на разговор со родител и дека се поднесуваат соодветни пријави по документирањето на настаните.

·Македонија
Идентификувано лице што постави албанско знаме на полициско возило во Тетово

Министерството за внатрешни работи (МВР) го утврдило идентитетот на лицето кое за време на прославата за Денот на албанското знаме поставило албанско знаме на полициско возило во Тетово, а лицето, во присуство на родител, било повикано на разговор во полиција.

Полицијата регистрира 13 нарушувања во четири сектори

Според полицискиот билтен, на подрачјата на СВР Скопје, Тетово, Охрид и Куманово се евидентирани вкупно 13 нарушувања на јавниот ред и мир. МВР соопштува дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите настани и дека „по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок”.

Досега, како што наведува МВР, се поднесени две кривични пријави за кривичните дела безобѕирно управување со моторно возило и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи; изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а три лица се лишени од слобода.

На подрачјето на СВР Скопје биле регистрирани седум нарушувања на јавниот ред и мир, а изготвени се седум записници против четири лица. Од нив три записници се за отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците; еден е за карање, викање или непристојно и дрско однесување; а три се прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот – управување без возачка дозвола, управување со брзина поголема од дозволената и движење во спротивен правец. Поднесена е и кривична пријава против едно дете за безобѕирно управување со моторно возило. При преземањето мерки во Скопје две лица биле лишени од слобода.

Во полицискиот билтен се наведуваат три конкретни случаи во Скопје каде на возила или кај лица биле забележани знамиња на Голема Албанија со натпис „Autochtonous”. Првиот случај е пријавен во 15:10 часот на улица „Ѓорче Петров”, кога полициски службеници сопреле патничко возило „голф” со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.Т. (40) од Скопје, на кое биле истакнати две знамиња на Голема Албанија со натпис „Autochtonous”. Половина час подоцна, во 15:30 часот, на плоштадот „Скендербег” полицијата забележала Ј.А. (21) од с. Драчевица, скопско, кој во раката носел знаме на Голема Албанија со истиот натпис. Третиот случај е регистриран во 21:45 часот на раскрсницата помеѓу улиците „Ѓорче Петров” и „Кузман Шапкарев”, каде бил сопрен „цитроен” со скопски рег. ознаки управуван од Р.И. (21) од с. Сарај, на кое биле истакнати знаме со натпис „Autochtonous”.

На подрачјето на СВР Тетово, покрај случајот со поставеното албанско знаме на полициско возило, регистрирани се и нарушувања од страна на деца, вклучително употреба на пиротехнички средства на Градскиот плоштад во Тетово.

Во подрачјето на СВР Охрид се регистрирани два настана – во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија по што е составен записник за сторен прекршок; во Струга, во основно училиште биле поставени знамиња на Република Албанија без да биде истакнато знамето на Македонија, по што од МВР најавуваат поднесување барање за поведување прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.

На подрачјето на СВР Куманово е регистриран еден настан за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје. Полициски службеници забележале две лица, едно од кои се дало во бегство, додека другото било задржано; при преглед кај задржаното лице бил пронајден пиштол марка „Црвена застава” и рамка со пет куршуми. Лицето е лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.

МВР повторно посочува дека по целосното документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи