Иџе во Бузет: големо финале на Европскиот шампионат на ридски патеки
По успешниот старт со новиот прототип, Иџе ќе настапи на 45- Buzetski dani 2026; официјална листа: 242 возачи.

Игор Стефановски – Иџе е подготвен за големото финале од сезоната: од 18 до 20 септември 2026 година Бузет, Хрватска, ќе ги пречека последните трки од FIA Европскиот шампионат на ридски патеки (FIA EHCC).
Ново возило, поголеми очекувања
По успешниот почеток со новиот прототип „Нова прото“ во Словенија, Иџе го насочува вниманието кон култната трка 45- Buzetski dani 2026, која секоја година привлекува големи имиња од европската сцена. Официјалната листа на пријавени брои дури 242 возачи, а во Категорија 2 — каде што оваа сезона настапува Стефановски со новиот болид — се пријавени најдобрите имиња од континентот.
„Очекуваме добар резултат и сакаме таму да ја продолжиме оваа убава европска приказна. Бузет има посебно место во мојата кариера", вели Иџе, кој со нетрпение го очекува настапот и ветува спектакл за верната публика.
Бузет има веќе посебно значење во кариерата на Стефановски: токму на оваа патека минатата сезона тој ја возеше својата 200-та трка, а сезоната во FIA Европскиот шампионат на ридски патеки ја заврши со одлично трето место во Група 1.
Оваа година предизвикот е покрупен — со преминувањето на „Нова прото“, Игор Стефановски – Иџе официјално се пресели во Категорија 2, најпрестижната и технолошки најнапредната класа во европскиот автомобилизам на ридски патеки.
Последниот викенд од шампионатот носи силна конкуренција и уште еден спектакл на легендарната патека во Бузет. Македонија повторно ќе има можност да навива за својот возач и да го следи неговиот настап во финалето на сезоната.
Фото: прес-материјал од настанот


