Инфлацијата го поскапи учењето: Утре одлука за мерката „училишна кошничка“
Министерството за економија утре ќе се сретне со трговците и потоа ќе одлучи дали ќе се примени мерката „училишна кошничка“.

Министерството за економија утре ќе одлучува дали и годинава ќе се примени мерката „училишна кошничка“, како што беше во последните две учебни години, со цел да им се олесни финансискиот товар на родителите поради долготрајната инфлација.
Од ресорното министерство брифираат дека пред донесување на конечната одлука ќе има состанок со трговците на училишен прибор — големо и мало — на кој ќе се координираат активности и ќе се разговара за цените и можните интервенции пред почетокот на учебната година.
Минатите две години мерката, која траеше до 15 септември, подразбираше дека трговците продаваа училишен прибор со ограничени маржи и по цени пониски за барем 10%. Според владини пресметки, секое семејство со двајца ученици на тој начин заштеди околу 3.000 денари.
Цени на услуги и локална поддршка
Министерката за образование и наука Весна Јаневска утрово нагласи дека носење на таква мерка е исклучива надлежност на Министерството за економија. "Тоа е мерка која треба да ја предложи Министерството за економија. Сигурна сум дека тие водат сметка за сѐ што треба да се направи и доколку има такво нешто навреме ќе бидат информирани родителите", рече Јаневска.
Високата инфлација предизвика и зголемување на цените на услуги за предучилишно и основно образование — поради тоа, од февруари годинава тие услуги првпат пораснаа и во официјалните статистики сега се поскапи за дури 30%. Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, кај едно четиричлено семејство со двајца ученици месечните трошоци за образование изнесуваат 10,5% од вкупните расходи, или околу 7.200 денари месечно за редовните потреби.
Некои општини нудат конкретна помош за првачињата: Кисела Вода и Карпош даваат бесплатно ранче и училишен прибор; Истото го нуди и Ѓорче Петров, а плус таму за првачињата има и по 3.000 денари и бесплатна ужинка. Центар ќе додели училишни униформи, Аеродром 3.500 денари, а другите општини во внатрешноста обезбедуваат различни суми. Најдарежлива е општина Тетово — првачињата годинава ќе добијат по 100 евра.
Фото: прес-материјал од настанот