Институт „Конфуциј“ при УКИМ: АНБ не го гледа како закана по националната безбедност
Иако САД ја заострија политиката кон слични центри, АНБ оценува дека присуството на Институтот во Скопје не е безбедносен ризик додека останува во правните рамки.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во својата проценка не го гледа Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје како непосредна закана по националната безбедност, доколку работи легално и добросостојно, иако во САД политиката кон слични кинески центри значително се заостри.
Како функционира Институтот во Скопје
Институтот „Конфуциј“ во Скопје е формиран во 2013 година преку партнерство на УКИМ и Универзитетот за економија и финансии на југозападна Кина од Ченгду, провинција Сечуан. Во последните години бројот на слушатели се движи од околу 500 до 1 500, а дел од учесниците добиваат можност за посета на Кина. Институтот има двајца директори — локален, професорот Влатко Стоилков, и кинеска директорка. Стоилков, кој одби да даде снимени изјави, во писмен одговор истакнува дека не сака да ја коментира одлуката на САД и нагласува дека институцијата работи во насока на својата мисија.
„Активностите на Институтот „Конфуциј“ во Македонија се исклучиво во насока на реализација на мисијата на Институтот: бесплатно изучување на кинескиот јазик и традиционалните кинески вештини за заинтересирани лица од сите возрасти, воспоставување културна и научна соработка помеѓу двата народа и отстранување на јазичните, расните, културолошките и верските бариери. Во таа насока, Институтот во никој случај не претставува каква било безбедносна закана за нашата држава! Напротив: Институтот Конфуциј при УКИМ претставува мост за соработка на сите нивоа помеѓу граѓаните на Македонија, но и можност за воспоставување не само јазична, културна и научна, туку и економска соработка на наши и кинески компании, како и единици на локалната самоуправа во партнерство со кинески градови/провинции!“
Во САД, по низа рестрикции започнати во 2018 година, бројот на институти „Конфуциј“ драматично се намали — од околу 100 на едвај 5. Пентагон ја заостри реториката и презеде конкретни мерки против организации кои ги оцени како камуфлирани структури за влијание.
„Конгресот ги забрани пред неколку години, овие институти „Конфуциј“, но тие се вратија маскирани во нови форми. Па, Министерството за војна презеде мерки да го запре и ова. Ги додадовме овие прикриени организации на списокот на институции кои ја загрозуваат нашата национална безбедност. Излезе дека се појавиле 80 нови пропагандни ќелии на 30 универзитети, кои користеле различни имиња и статути, но имале иста мисија – да крадат интелектуална сопственост и да навлезат во умовите на американските студенти“,
рече Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
АНБ во својата проценка за 2027 година ја категоризира ризичноста од Кина како ниска, со тенденција за раст во сектори каде постои долгорочна зависност од странска технологија, финансии или снабдувачи, и додаде дека присуството на кинески компании, инвестиции и научно-образовни и културолошки институции само по себе не претставува ризик додека нивните активности остануваат легални и не го надминуваат начинот на функционирање.
Тинк-тенк организацијата Естима го означува овој вид соработка како алатка на „мека моќ“ и апелира на претпазливост. Проект менаџерката и истражувачка Александра Д. Спасовска укажува дека учесниците на организираните престои во Кина сѐ почесто имаат позитивни перцепции кон земјата, и дека меката моќ се гради преку постепено создавање доверба и позитивна слика за државата и нејзините институции.
Фото: Принтскрин/МИА


