Иран: Имаме двегодишен план за справување со новите американски санкции
Министерот за економија Али Маданизадех вели дека Владата има двегодишен план додека САД ја зајакнуваат кампањата „Економик ауткаст“ против Техеран.

Иранските власти соопштија дека имаат двегодишен план за справување со новите американски санкции и ги претставуваат мерките на Вашингтон како обид што, според нив, ќе заврши без успех. Министерот за економија Али Маданизадех рече дека владата е подготвена и располага со алатки за одговор.
„Владата е подготвена и има двегодишен план за справување со овие случувања. Ги имаме и сопствените алатки и знаеме како да ја играме оваа игра“, изјави иранскиот министер за економија Али Маданизадех за иранската државна телевизија, додавајќи дека Техеран одамна се подготвувал за вакви мерки.
САД ја проширија кампањата „Економик ауткаст“
Американското Министерство за финансии ја објави операцијата „Економик ауткаст“, со цел дополнително да ја изолира Иран од глобалниот финансиски систем. „Нашата цел е да ја прекинеме секоја економска врска што го одржува овој режим, сè додека Техеран не остане сам“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Како дел од новите мерки, САД го проширија опфатот на санкциите и врз дигиталните средства, технологијата, златото, воздухопловството и поморскиот транспорт. Санкциите беа наметнати и против речиси 60 компании, лица и бродови поврзани со Иран.
Вашингтон истовремено упати предупредување до државите, банките и компаниите што ќе продолжат со соработка со Техеран дека ќе се соочат со последици; Бесент не даде точен рок, но порача дека САД немаат бесконечно трпение и ќе дејствуваат брзо против оние што ќе продолжат да му помагаат на Иран.
Маданизадех истакна дека Иран смета на поддршка или воздржаност од земји како Кина и Русија и изрази очекување дека и други држави може да се спротивстават на американските санкции.
Фото: Принтскрин