Иран повторно најави наплата такси за минување низ Ормуската Теснина
Техеран најави наплата на такси за пловидба и соработката со Оман за механизми за безбедност и заштита на животната средина.

Иран потврди дека има намера да наплаќа такси од комерцијалните бродови за минување низ Ормуската Теснина, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Техеран.
Иранскиот портпарол Есмаил Багеи изјави дека Техеран во соработка со Оман работи на "механизми за следење на безбедноста, заштита на животната средина и борба против криминалот на море". Тој додаде дека двете земји координираат системи за овие функции во протокот.
"Таксите и надоместоците ќе се наплаќаат за поморските услуги што им се обезбедуваат на бродовите", објасни Багеи и ги опиша планираните уплати како надомест за услугите што им се даваат на минувачките пловила.
Спорот околу транзитот и последните ескалации
Дипломатскиот и правниот спор околу транзитните права во теснината — клучна меѓународна рута за транспорт на нафта, гас и вештачки ѓубрива — се смета за еден од главните поттикнувачи на неодамнешната ескалација на воениот конфликт меѓу Вашингтон и Техеран.
Пловидбата низ протокот се одвиваше во голема мера непречено, без патарини или такси за транзит, пред Соединетите Американски Држави и Израел да започнат воени дејствија против Иран на 28 февруари. Најтесниот дел на Ормуската Теснина мери околу 39 километри.
Иран и Оман полагаат максимално право на 12 наутички милји (22,2 километри), колку што дозволува Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето (UNCLOS), што практично значи дека во протокот не постојат меѓународни води. UNCLOS, сепак, гарантира право на транзитен премин и забранува блокада на комерцијални бродови — правен став што Иран не го прифаќа.
Целта на Соединетите Држави е да го вратат транзитот на нафта и гас низ Ормуската Теснина на нивото од пред војната, изјави вчера потпретседателот Џеј Ди Венс. Багеи одговори и на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп од вчера дека Вашингтон и Техеран се вовлечени во "шаховска партија": "Независно дали зад сцената или пред рефлекторите, Иранците се докажаа како професионални шахисти", изјави портпаролот на иранското МНР.
Фото: прес-материјал од настанот