Почетна
Спорт

Ирена Митровска: Жените не мора да бидат само спортистки, подеднакво можат и да раководат

Претседателка на Македонската федерација за дигање тегови и технички секретар на Кикбокс Маитаи, добитничка на признанието „13 Ноември“ во 2026 година.

·Спорт
Ирена Митровска: Жените не мора да бидат само спортистки, подеднакво можат и да раководат

Ирена Митровска ги комбинира долгогодишното лично искуство во спортот со раководни улоги во две федерации кои традиционално се сметаат за машки: од 2024 година е претседателка на Македонската федерација за дигање тегови, а од 2017 година е технички секретар на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија. Годинава го доби признанието „13 Ноември“ од Сојузот на спортови на Град Скопје за нејзиниот долготраен ангажман во спортот.

За почетокот на својот спортистички пат таа говори уште од раното детство: "Мојата приказна со спортот започна уште на шестгодишна возраст, кога почнав да тренирам пливање во ПК „Младост“, под водство на тренерот Миле Сирма. Потоа следуваше периодот кога играв пинг-понг во спортската сала „Автокоманда“, под надзор на тренерот Кире, а на 12-годишна возраст се зачленив во РК „Скопје“, каде што активно тренирав ракомет до 1995 година. Во тој период имав можност да учам и да се надградувам под тренерското водство на Цимаја, Куно, Зико и, на крајот, Гино Стрезовски."

Од спортистка до раководителка

Митровска објаснува дека преминот од спортистка во спортски работник и раководителка не бил дел од претходно испланирана кариера туку се случил постепено. "Искрено, не. Од најрана возраст спортував и секогаш се гледав себеси пред сè како спортистка, а не како личност која е задолжена за организирање и раководење со спортот. Никогаш не сум имала однапред зацртан план дека еден ден ќе бидам дел од раководните структури на спортски федерации."

По запишувањето на факултетот таа го намалува полупрофесионалниот ангажман, но останува физички активна рекреативно. Во 2008 година заедно со сопругот ја отвори Спортскиот центар „МАГНУС“ во Скопје. Таа истакнува дека за успешно раководење најважни се знаењето, посветеноста и јасната визија, а не очекувањата поврзани со полот. "Спортот нема пол, туку бара знаење, посветеност, дисциплина и одговорност. Најважно е да ја познавате работата што ја вршите и да имате јасна визија за тоа што сакате да постигнете."

На прашањето дали некогаш почувствувала потреба да се докажува повеќе затоа што е жена, Митровска вели дека во нејзиното искуство била добро прифатена и поддржана. Сепак, признава дека пошироко постојат пречки: традиционален менталитет, недоволно охрабрување и често судир меѓу семејните и професионалните обврски. "Сметам дека состојбите постепено се менуваат. Жените имаат знаење, способности и капацитет да раководат со спортски организации исто толку успешно како и мажите. Функциите треба да се доделуваат според компетентноста, посветеноста и визијата, а не според полот."

За признанието „13 Ноември“ што го доби во 2026 година Митровска вели дека тоа е важна потврда: наградата не се аплицира туку ја доделува Сојузот на спортови на Град Скопје по долги години следење на постигнувањата и придонесот. Според неа, таквите признанија ги вреднуваат често невидливите, зад сцената изведени работи кои обезбедуваат услови за спортистите да тренираат и да се натпреваруваат.

Фото: Приватна архива на Ирена Митровска

Поврзани написи