Истражување: Речиси 30% од Американците признале дека лажеле кај лекар за да добијат антибиотици
Анкетата на приближно 960 возрасни открива дека пациенти честопати преувеличуваат или измислуваат симптоми за да добијат антибиотици.

Речиси 30% од возрасните Американци признале дека ги лажеле лекарите за да добијат антибиотици, покажува национално истражување спроведено во САД. Анкетата, спроведена во јануари и февруари годинава, опфати приближно 960 возрасни од различни делови на земјата.
На прашањето какви измами користеле, испитаниците одговориле различно: 28% рекле дека лажеле за симптомите, други 26% признале дека ги преувеличувале симптомите, а 17% потврдиле дека целосно измислувале здравствени проблеми. Меѓу најчестите наведени тегоби беа треска, кашлица и болки во грлото.
Истражувачите ги прашале и причините за давање лажни информации и ставовите за здравствената заштита и употребата на антибиотици. Речиси две третини од оние што лажеле изјавиле дека мислеле дека така ќе ги убедат лекарите да им препишат антибиотици, а околу 77% од нив признале дека барем еднаш успеале во тоа.
“Голем дел од пациентите признаа дека го направиле тоа бидејќи се чувствувале многу болни и сакале што побрзо да оздрават, открија научниците. Други пак, верувале дека антибиотиците ќе им помогнат побрзо да се вратат на работа и на вообичаените секојдневни активности, а голем дел од нив сакале да имаат поголема контрола врз лекувањето и врз терапијата што им ја препишувале лекарите“, посочија тие .
Родители и деца
Одделно истражување кое опфати 236 родители и старатели на деца и адолесценти под 18 години открило слични навики. Дури 27% од родителите или старателите признале дека лажеле доктори за да добијат лекови за своите деца.
На прашањето дали некогаш намерно ги преувеличувале или измислувале симптомите на децата за да добијат антибиотици, 27% одговориле потврдно, а 87% од родителите рекле дека тоа им успеало барем еднаш. “Причините што ги кажаа родителите беа исти како и во првото истражување, односно загриженост за здравјето на децата, како и убедувањето дека антибиотиците ќе им помогнат побрзо“, нагласија експертите .
Истражувачите предупредуваат дека ваквите практики ја отежнуваат контролата на непотребната употреба на антибиотици и може да ја засилат појавата на отпорност кај бактерии.
Фото: прес-материјал од настанот


