Почетна
Македонија

Итната медицинска помош во Скопје ќе се издвои од Здравствениот дом, промената почнува во декември

Нова организација, национален протокол и диспечерски центар; 26 од 100 нови возила ќе добие Скопје.

·Македонија
Итната медицинска помош во Скопје ќе се издвои од Здравствениот дом, промената почнува во декември

Службата за итна медицинска помош во Скопје ќе се издвои од Здравствениот дом – Скопје и ќе добие посебен буџет, самостојно управување и поефикасни постапки за вработување, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски. Промената треба да почне во декември.

По посетата на службата, Клековски оцени дека оваа дејност била запоставена во последните 30 години и дека само набавка на нови возила не ги решава основните проблеми.

Национален протокол за тријажа и диспечерски центар

„Утрово отидов да ги видам условите во кои работи Итната медицинска помош во Скопје и да ги слушнам проблемите од прва рака, во најоптоварената ИМП во земјата. Ќе бидам директен: условите се лоши. Простор што одамна не одговара на обемот на работа, диспечерски центар кој работи на граница на своите можности, и екипи кои и покрај сето тоа излегуваат на терен 24 часа дневно, 365 дена во годината“, рече Клековски.

Министерот посочи дека првиот чекор е издвојување на скопската служба од Здравствениот дом – Скопје за да се обезбеди соодветно управување, соодветен буџет и постапки за вработување. Тој предупреди дека значителен дел од вработените ќе заминат во пензија до 2030 година и дека е неопходно навремено планирање на кадровите.

Како дел од реформите ќе се воведе национален протокол за тријажа за утврдување на степенот на итност и време на обезбедување помош, како и национален диспечерски центар за координација на сите екипи и возила. Центарот треба да овозможи ангажирање екипи од други региони кога скопската служба ќе биде преоптоварена и поефикасна проценка која екипа може најбрзо да стигне до местото на интервенцијата.

Клековски потсети дека во земјата има 243 тима на итна медицинска помош, но дека скопската служба има дополнителни обврски – обезбедување здравствена поддршка на големи настани и протоколарни посети и транспорт на пациенти од странство. Тој го посочи и недостигот од возачи и рече дека се разгледува можноста за воведување парамедици во противпожарните служби, за кои веќе се подготвени програми за обука.

Во однос на возилата, министерот информира дека од 100-те нови возила за итна медицинска помош, 26 се наменети за Скопје. Со нив бројот на функционални возила на службата ќе се зголеми од 140 на 200. Дополнително, во декември се очекува оглас за набавка на уште 50 возила со поддршка од Европската Унија.

Во врска со поплаките од граѓаните за долго чекање и одбивање повици, Клековски рече дека успехот ќе се мери со времето на реагирање од моментот кога ќе се јави на 194, а не со соопштенија. Тој се осврна и на нападот врз вработени: „Пред неколку дена лекар и медицинска сестра од оваа служба беа нападнати на работно место. Луѓето што доаѓаат кога ни е најтешко заслужуваат и пристојни услови за работа и безбедност додека ја вршат својата должност. И едното и другото се наша обврска“, заклучи министерот. Клековски вчера на Фејсбук напиша дека бара кривична одговорност за нападите врз здравствените работници, а голем дел од коментарите биле посветени на функционирањето на Брзата помош.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи