Почетна
Македонија

Изборот на судија во Стразбур се одложува: Јелена Ристиќ предложена како замена

По реакцијата на експертскиот панел, Комисијата на 20 август едногласно предложи адвокатката Јелена Ристиќ наместо Ана Дангова-Хуг.

·Македонија
Изборот на судија во Стразбур се одложува: Јелена Ристиќ предложена како замена

Постапката за избор на судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур повторно претрпе одложување откако Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа го врати предлогот на националната комисија. Комисијата одлучи да го замени еден од тројцата кандидати откако експертите оценија дека номинираниот не ги исполнува пропишаните критериуми.

Ново име на листата по забелешките од Стразбур

Комисијата за избор на судија во ЕСЧП, на чие чело е претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, на состанокот одржан на 20 август едногласно го предложи името на адвокатката Јелена Ристиќ како замена за Ана Дангова-Хуг на листата од тројца кандидати.

„Има известување од експертскиот панел дека третопредложениот кандидат, адвокатот Дангова не ги задоволува во целост условите и критериумите пропишани од Советот на Европа за судија во Европскиот суд за човекови права. Комисијата се свика, одржа состанок на 20 август и донесе едногласна одлука, адвокатот Јелена Ристиќ да биде новиот канидидат“, вели Костадиновски.

Процесот за избор трае веќе околу една и пол година и се соочи со повеќе контроверзии и пречки. Во првата верзија на листата, подготвена од претходната комисија, беа предложени судијката Габриела Гајдова, тогашната обвинителка Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски; Владата на 22 јули лани ја поништи таа листа и формираше нов состав на комисијата.

Во новата петчлена комисија единствено остана една членка од претходната деветчлена — директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски. Покрај неа се претседателите на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на Врховниот суд, Африм Фидани, претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димоска, и претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија.

Во врска со продолжувањето на постапката, Костадиновски призна дека процесот се одолжил, но порача дека е оптимистичен дека овојпат ќе се избере кандидат на следната можно сесија на Советот на Европа. „Точно е дека премногу се одолжи, не го очекував  и јас ова. Одолжувањето е од повеќе причини – од бризната на работата на експертскиот панел, бидејќи ние веднаш како Комисија реагираме, значи секогаш кога ќе има забелешка ние реагираме со нов кандидат“, вели тој.

Додека не се избере нов судија од земјава во Стразбур, функцијата ја исполнува Јован Илиевски, кој беше назначен во периодот кога Сашо Мијалков беше директор на тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Поврзани написи