Избрана е трасата за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, изградбата треба да почне во 2027 г.
Мицкоски вели дека студија за изводливост и еколошка студија се во изработка и дека апликацијата за финансирање е поднесена до меѓународни банки.

Премиерот Христијан Мицкоски во Делчево соопшти дека е избрана трасата за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, и дека почетокот на изградбата се очекува кон крајот на летото или почетокот на есента 2027 година.
Според Мицкоски, по јавната расправа на разгледување беа две варијанти, од кои е избрана една, а апликација за финансирање веќе е поднесена пред меѓународните финансиски институции. Во меѓувреме трае изработката на потребните студии.
Студии, финансирање и следни фази
„Станува збор за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. На јавната расправа беа разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и на еколошка студија, а веќе разговараме и со потенцијални финансиски институции. Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена“, рече тој.
Премиерот посочи дека студиите и концептите за избраната варијанта треба да бидат завршени напролет, по што ќе следуваат наредните фази во реализацијата на проектот.
„Ако сè оди според очекувањата, напролет би требало да бидат завршени студиите и концептите за избраната варијанта. Очекувам камен-темелникот да биде поставен кон крајот на летото или на почетокот на есента во 2027 година. Со тоа, сметаме дека ќе се заокружи една целина што значително ќе ја подобри поврзаноста на жителите од овој дел на Македонија со останатите делови на државата“, додаде Мицкоски.
Мицкоски најави и други инфраструктурни активности во регионот: реконструкцијата на патниот правец од Делчево до граничниот премин со Бугарија треба да започне од понеделник, а завршена е тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани.
За време на посетата, премиерот заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски направи увид во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и во почетокот на реконструкцијата на градската спортска сала во Делчево.
Фото: Фејсбук


