Почетна
Македонија

Извлекле над 2,2 милиони евра од државни институции и општини во шема со регистрација на возила

Полицијата вели дека преку брокерско друштво и фалсификувани извештаи биле присвоени 138.877.419 денари.

·Македонија
Извлекле над 2,2 милиони евра од државни институции и општини во шема со регистрација на возила

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека разоткрило криминална група која преку манипулации и лажирање на извештаи при наплата на надоместоци за регистрација на возила проневерила вкупно 138.877.419 денари (2.258.169 евра) од државни институции и општини.

Од акцијата произлезоа три приведувања и поднесени кривични пријави против шест физички и три правни лица, а најголема штета — 48.434.406 денари (околу 788.000 евра) — е причинета на буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Првопријавен во случајот е 49-годишниот С.С., сопственик на фирма од селото Кучевиште која од 2011 година имала овластување за вршење технички преглед на возила. Според МВР, криминалната шема се спроведувала во периодот од 01.01.2021 – 20.01.2026.

МВР: начин на работењето на шемата

„Во периодот од 01.01.2021 – 20.01.2026 со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 138 877 419 денари (околу 2,2 милиони евра) изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвен Крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Mинистерство за животна средина и општините. При изготвување на извештаите и лажирање на податоците, С.С. дејствувал заедно со Д.М., кој бил овластен за изготвување и потпишување на фактури и доставување на извештаи до надлежните институции,“ стои во соопштението на МВР.

Од обвинението произлегува дека паричните средства биле прикривани преку осигурително брокерско друштво: наместо да се евидентираат како надоместоци за регистрација, наплатените суми се прикажувале на сметката на брокерот како да се плаќаат полиси за осигурување. Извршните членови на одборот на брокерското друштво и сопственикот на фирмата преку трансфери меѓу сметки и мешање со легитимни приходи, најчесто означени како позјамици, ја замаскирале вистинската природа на средствата и купувале недвижности во корист на фирмата на првопријавениот.

Во кривичната пријава се опфатени и вработени во станица за технички преглед во Кучевиште, како и Т.М. (64), помошник-директор за финансии во ЈПДП, која се товари дека овозможила незаконско стекнување од 48.434.406 денари, и М.Д. (40), овластен сметководител, кој, според МВР, во книговодната документација внесувал невистинити податоци и поднесувал даночни пријави кои не ја прикажувале реалната состојба.

МВР ги прецизираше распределбите на причинетите штети: 48.434.406 денари на ЈПДП; 1.485.926 денари на Црвениот крст; 5.585.098 денари на Министерството за животна средина; и 83.371.988 денари на буџетите и комуналните такси на општините. При претресите на повеќе локации, полицијата запленила 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе мобилни телефони и две патнички возила.

Фото: Архива

Поврзани написи