Јанпласт од Кавадарци: бизнис-дијагностика за освојување нови пазари
Мала фабрика за ПВЦ и алуминиумска столарија ги идентификуваше слабостите преку анализа и планира постепено проширување на пазарите.

Мала фабрика за производство на ПВЦ и алуминиумска столарија од Кавадарци, Јанпласт, ја искористи бизнис-дијагностиката направена во рамки на проект за модернизација за да ги открие започестите тесни грла и да ги подобри производните и продажните процеси. Компанијата има девет вработени и планови постепено да проширува пазарите надвор од локалниот регион.
Од локални наметки кон пошироки пазари
Сопственикот Јанко Костов, дипломиран криминолог и поранешен полициски инспектор кој ја основал фирмата во 2014 година и од 2024 година е единствен сопственик, вели дека еден од најголемите предизвици се флуктуирачките цени на репроматеријалите.
„Предизвици има премногу и јас би детектирал само неколку од нив. Значи, цените и движењето на набавната стока на нашите репроматеријали е флуктуирачка малтене од ден на ден, пошто ни е поврзана со геополитичките случувања во целиот свет. Тоа би било еден предизвик. Вториот предизвик би било како што спомнавте, квалификуваната работна сила. Таа тенденција на извоз на нашите квалификувани работни кадри надвор ни претставува дополнителен товар и секако основно би било, нели, организацијата на самиот производствен процес. Тоа е можноста и работа која што ја контролираме самите и можеме најмногу да допринесеме таму , вели Костов.
Костов објаснува дека околу 70 отсто од производството ја покрива побарувачката во Кавадарци и Тиквешија, додека околу 30 отсто оди на државно ниво. Со инвестиции во нова производна хала и зголемени капацитети, компанијата смета дека е подготвена да се обиде да настапи и надвор од досегашниот локален пазар.
Преку Швајцарскиот проект за модернизација што го спроведува Свисконтакт, кај Јанпласт е направена деловна дијагностика на целокупното работење. „Насоката беше јаките страни да продолжиме да ги јакнеме дополнително, нели, меѓутоа задолжително да обратиме внимание и на нашите слаби страни. Мислевме ние дека имаме едни тесни грла. На крајот од самите наоди и препораки испитна дека имаме и други тесни грла за поправање. Која ни е најслаба алка во синџирот да земеме да работиме на неа компаративно, така што насоките од бизнис дијагностиката беа многу корисни за нас“ , додава Костов.
Бизнис советничката Наташа Размоска од BizzBee Solutions вели дека сопствениците на мали производствени компании често се преокупирани со секојдневни обврски и им недостига простор да ја видат пошироката слика. „Доколку компанијата нема јасност за тоа како целиот процес се одвива и како функционираат работите, самиот раст потоа може да ѝ наштети повеќе отколку што би донел придонес на самата компанија. Затоа што доколку имаме раст, а процесите не се доволно добро поставени, може компанијата да оди во надолна линија, да создаде притисок во самиот процес на производство, да почнат да се произведуваат производи со полош квалитет, што влијае на задоволството од купувачите и да ја носи компанијата во надолна линија, наместо во нагорна, каде што би требало да оди“ , вели Размоска.
Статистиката покажува дека во 2025 година Северна Македонија извезла ПВЦ врати и прозорци, прагови, рамки, ролетни и капаци во вредност од над 7,5 милиони евра, додека извозот на алуминиумски врати и прозорци и рамки бил скоро 2,9 милиони евра. Главни пазари за ПВЦ производите се Германија, Швајцарија, Италија, САД и земјите од регионот; за алуминиумските производи, главни пазарни дестинации се Германија, Србија, Грција, Италија и Швајцарија.
Костов оцени дека планот е прво да се стабилизираат интерните процеси во следната една до две години, да се зголеми искористувањето на капацитетите и продажбата, и потоа чекор по чекор да се прошируваат бизнис-врските и пазарите надвор од Кавадарци, со цел постепено да се конкурира и на пазари надвор од земјата.
Долгорочното искуство и техничкото знаење на компанијата, во комбинација со стручна анализа и надворешна перспектива, според партнерите, ја создаваат основата за зголемена конкурентност и освојување нови пазари.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт.
Фото: прес-материјал од настанот


