Јавниот сектор ќе добие овластени внатрешни ревизори
Министерството за финансии ќе организира национален испит и сертификација за овластени внатрешни ревизори во јавниот сектор, со материјали подготвени со поддршка од ЕУ.

За првпат во земјата, преку Министерството за финансии, ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.
„Ова претставува значаен исчекор во унапредувањето на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор и е дел од континуираните активности на Министерството за финансии насочени кон поодговорно, потранспарентно и законско работење на институциите“, соопштија од Министерството.
Од Министерството објаснуваат дека спроведувањето на испитот и сертификацијата на внатрешните ревизори ќе значат директно зајакнување на капацитетите на единиците за внатрешна ревизија кај субјектите од јавниот сектор.
Поврзаност со европските препораки
„Воспоставувањето на националниот испит е значајно и од аспект на европскиот интегративен процес. Со неговото организирање се прави чекор кон целосна реализација на препораките на Европската Унија во овој сегмент од Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а воедно се придонесува и кон успешна реализација на следните чекори од Реформската агенда во оваа област“, велат од Министерството.
Испитните материјали, стои во соопштението, се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Министерството за финансии – Централната единица за хармонизација.
„Министерството ја изразува својата благодарност до Европската Унија за поддршката во реализацијата на овој значаен процес“, велат од Министерството за финансии. Министерството не наведе точен датум за првиот национален испит; посочи дека дополнителни информации за распоредот и критериумите за учество ќе бидат објавени од страна на Министерството.
Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески